среда, 25 јуни 2025

Кривична пријава за градоначалникот на Росоман, фалсификувал дозволи за градба и незаконски трошел пари за гориво и храна

Управата за финансиска полиција (УФП) до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кавадарци поднесе кривична пријава против градоначалникот на Општина Росоман, Стојан Николов. Тој е осомничен за фалсификување дозволи за градба и за незаконско трошење општински пари за набавка на гориво и различни видови храна.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти Финансиската полиција Николов во својство на градоначалник на Општина Росоман, во текот на 2022 и 2023 година постапил спротивно на Законот за градење и Законот за општа управна постапка така што изготвил шест лажни јавни исправи, од кои четири одобренија за градење и две одобренија за реконструкција на улици.

„Истите во текот на 2022 и 2023 година ги употребил како вистински во правниот промет, а при тоа иако бил должен, не ги водел во јавната евиденција, односно, во информацискиот систем ‘Е-одобрение за градење’, на кој начин за период од 2022 до 2024 година искористени се  парични средства во износ од 14.023.318 денари обезбедени од страна на Центарот за развој на Вардарски плански регион – Биро за регионален развој, парични средства во износ од 6.740.517 денари обезбедени од страна на општина Росоман и парични средства во износ од 15.134.066 денари обезбедени од страна на Министерство за транспорт, на кој начин спротивно на законските прописи за период од 2022 до 2024 година со изготвување на шест лажни јавни исправи, одобренија за градење и реконструкции на штета на Буџетот на Општина Росоман, Центар за развој на Вардарски плански регион – Биро за регионален развој и Министерство за транспорт противзаконски искористени се парични средства во вкупен износ од 35.897.901 денари со што пријавениот го сторил кривичното дело фалсификување исправа“, се наведува во соопштението на УФП.

Исто така, велат од УФП, свесно и со намера да се стекне со противправна имотна корист, Николов како градоначалник од 8 ноември 2021 година, ги надминал предвидените износи во Буџетот на општина за трошоци за репрезентација донесени од страна на Советот на општина Росоман во текот на 2021 година за износ од  184.744 денари, за 2022 година за износ од 800.348 денари, за 2023 година за износ од 821.821 денари и за 2024 година за износ од 310.662 денари, ги надминал и ненаменски искористил дел од предвидените износи во Буџетот на општина за трошоци за горива и масла (моторни возила) донесени од страна на Советот на општина Росоман во текот на 2022 година за износ од 159.351 денари, за 2023 година за износ од 44.102 денари потпишувајќи и овозможувајќи од сметката на општината да се исплатат парични средства за нафтени деривати за возила кои не се во сопственост на општината, ги надминал и ненаменски ги искористил дел од предвидените износи во Буџетот на општина за трошоци за прехранбени производи и пијалаци и тоа во текот на 2021 година за износ од 40.188 денари, за 2022 година за износ од 135.440 денари и за 2023 година за износ од 66.920 денари набавувајќи производи кои не се за потребите на општината, односно, купени биле повеќе видови на млечни и сувомеснати производи, поголеми количини на алкохолни пијалаци, и друг вид на производи кои по својата природа се наменети за домашна потрошувачка кошничка.

„Неосновано склучил договори за вршење на определени работи од областа на управување со градежно земјиште во сопственост на државата со лица вработени во Општина Кавадарци за 2023 година на износ од 242.000 денари, на кој начин пријавениот злоупотребувајќи ја службената положба и овластување причинил штета на буџетот на општина Росоман за 2021 година износ од 226.811 денари, за 2022 година износ од 1.081.059 денари, за 2023 година износ од 1.183.597 денари и за 2024 година износ од 384.862 денари, односно, за период од месец ноември 2021 година до месец септември 2024 година пријавениот причинил штета на буџетот на општина Росоман вкупен износ од 2.876.329 денари, со што пријавениот го сторил кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување“, инфромираа од Финансиската полиција.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ