Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, вечерва ѝ нареди на својата војска утре да не ја напаѓа воената парада во Москва, која ќе се одржи по повод одбележувањето на Денот на победата над нацистичка Германија во Втората светска војна.
Зеленски тоа кратко го соопшти на социјалните мрежи веднаш откако американскиот претседател Доналд Трамп вечерва прогласи тридневно примирје меѓу Украина и Русија, кое утре ќе стапи во сила.
In recent days, there have been many appeals and signals regarding the setup for tomorrow in Moscow in connection with our Ukrainian long-range sanctions. The principle of symmetry in our actions is well known and has been clearly communicated to the Russian side. An additional…
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) May 8, 2026
Во објавата на Икс, Зеленски рече дека московскиот Црвен плоштад „ни е помалку важен од животите на украинските затвореници, кои можат да бидат вратени дома“.
Невообичаено, неговата изјава беше придружена со претседателски указ во кој се наведува дека, „земајќи ги предвид многубројните барања“, нема да има напад врз Москва „за да се овозможи одржување на парадата“.
Претходно неделава, Зеленски го доведе во прашање едностраниот руски предлог за прекин на огнот, велејќи дека Кремљ „се плаши дека над Црвениот плоштад би можеле да зујат дронови“. Руските власти неговите зборови ги протолкуваа како закана за напад врз Москва на 9 мај, заканувајќи се дека за секој напад ќе возвратат со „масовен ракетен удар врз центарот на Киев“.
Русија вечерва го потврди тридневниот прекин на огнот почнувајќи од утре, како и размената на затвореници со Украина.
„Да се надеваме дека ова е почеток на крајот на многу долгата, смртоносна и тешка војна“, напиша Доналд Трамп на својата платформа Трут соушал, прецизирајќи дека примирјето ќе вклучува „размена на 1.000 затвореници од секоја земја“.






