Маѓар по изборната победа изјави: „…знам какви врски постојат меѓу Словачка на Роберт Фицо и Виктор Орбан, и приближно знам кој стои зад тие односи, кој им е ‘кум’ на тие големи пријателства.“
Вучиќ, гостувајќи на РТС, го повика Маѓар да каже „кој е кумот“.
„Ајде одговори, кога веќе знаеш, кажи кој кумува. Нема поим. Туку е она ‘ајде малку, да не кажам до крај, туку да се помисли дека е Путин или некој друг’. Да не требаше да се грижиме за односите со Унгарците во нашата земја, да не требаше да се грижиме за односите со Унгарија, би ја нарекол таа изјава глупава и неодговорна, вака нема да го сторам тоа“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека ова не е „земја на Маѓар и дека тој нема надлежност да спроведува истраги во Србија“, иако Маѓар во ниту еден момент не рече дека ќе истражува во Србија, туку дека Тиса во парламентот ќе го испита наводниот планиран обид за напад на гасовод кај Кањижа.
Маѓар рече дека му изгледа дека нападот бил „под лажно знаме“ — саботажа што ја организира влада, организација или поединец, а која е осмислена да изгледа како да е одговорна друга страна.
Коментирајќи го тоа, Вучиќ на РТС изјави дека „ние истрагите ги спроведуваме на многу професионален и објективен начин“.
„Молчев и кога лажеа дека некој го наместил тоа и дека се работи за некакво лажно знаме и слично, затоа што не сакав да се мешам во изборите. Се знае кој е мој пријател и јас од пријателите не се откажувам. Ни во добро ни во зло“, рече тој.
Според него, истрагата утврдила многу работи, но „не сакале да зборуваат за тоа бидејќи постоеле многу стапици и мамки“.
Додаде дека ќе го извести Петер Маѓар за резултатите од истрагата.
Вучиќ изјави дека тој и Орбан имаат „заеднички кум“, но дека тоа „не е Путин, туку слободата“.
„Наш заеднички кум е слободата на мислење, слободата на говор, слободата на дејствување. Наш заеднички кум е тоа што ги сакаме своите земји повеќе од што било друго на светот. Тоа е она што ни е заедничко“, рече тој.
Тој додаде дека го „пречкртувале“ кога многу европски лидери си заминувале од власт, но дека тој и понатаму е тука.
„Не знам кој му е кум на моето пријателство со Макрон, или на моето пријателство со Џорџа Мелони. Сум слушнал многу такви работи. Се потпирам на својата работа. Додека ме служи умот, ќе победуваме. Веќе не ми е потребна власт. Ја имав доволно, повеќе од кој било во Србија од воведувањето на повеќепартискиот систем. Мене ми е важно што ќе прави Србија во иднина за своите граѓани“, рече Вучиќ.






