„Симболично, во куќата на кралот Петар Први почнавме голема работа. Да понудиме надеж, стабилност, сигурност и иднина на Србија и на нашите деца. Денес ја одржавме првата средба на иницијативниот одбор за формирање на сенародното Движење за народот и државата.
Време е да се артикулира големата сила на нашиот народ и да се обединат сета памет и патриотизмот на нашите луѓе, за да ја обликуваме иднината која сите ја сакаме.
Ова движење ги повикува сите чесни граѓани да придонесат на Србија со своите способности и знаење и да помогнат нашата земја да стане најуспешна во својата историја. Денес се исцртуваат контурите и патот кон добрата и сигурна иднина на нашата Србија, пат кој води кон просперитет, напредок и слобода за сите идни генерации“, порача Вучиќ.
„Народниот отпор, бунтот и незадоволството од теророт на кои се луѓето изложени во последните четири месеци расте и наскоро ќе следи повик за луѓето, за луѓето низ Србија, да се борат за својата земја, да се борат за својата Србија, со мирни, демократски средства, не со насилство, не онака како што тоа некои други го правеа“, кажа претходно Вучиќ.
„Повеќе народот во Србија нема од никого и од ништо да се плаши, ни блокади, ни политички терористи кои фрлаат солзавец во парламентот, од никого“, истакна српскиот претседател.
Тој додаде дека Србија станува, истакнувајќи дека секој може да падне, но дека силата на Србија е во тоа што секогаш со неверојатна брзина станува, се исправа и се бори за својата иднина.
Во Србија од крајот на минатата година се одржуваат протести иницирани од студентите и граѓани откако на 1 ноември во уривањето на стреата на Железничката станица во Нови Сад загинаа 16 лица.