Уделот на белците во Америка за првпат падна под 60 отсто, од почетокот на попишувањето на населението во 1790 година. Според последниот попис, уделот на белците беше 61,6 отсто.
Но, според најновиот попис, уделот на белците паднал од 63,7 отсто во 2010 на 57,8 отсто во 2020 година. Популацијата помлада од 18 години сега ја сочинуваат главно обоените – 52,7 отсто.
„Епидемијата на лекови и дроги и наталитетот понизок од очекуваното по големата рецесија го забрзаа падот на белата популација. На луѓето да им кажевте пред 20 години дека ова ќе се случува, немаше да ви веруваат. Земјата драматично се менува“, коментира демографот Вилијам Фреј од институтот Брукингс.
Новите податоци покажуваат и дека бројот на жители на САД во последните десет години порасна за 7,4 отсто, на 332 милиони, што е побавно од која било деценија освен од 30-тите години од минатиот век, пишува Вашингтон пост.
Најголем раст е забележан меѓу Латиноамериканците, кои го дуплирале својот број во последните три децении на 62,1 милион луѓе, или 18,1 отсто.
Азијците, кои во 1990 година сочинувале околу 3 отсто од населението, исто така го дуплирале бројот и сега се 6,1 отсто, додека уделот на населението со црна боја на кожата се одржал на 12,1 отсто.






