вторник, 5 мај 2026

Велика Британија ја одобри првата таблета против ковид

Објавено на

часот

Сподели

Обединетото Кралство е првата земја која одобри третман со молнупиравир, иако сè уште не се знае точно кога овој лек ќе биде достапен, пишува АП.

Лекот доби лиценца за употреба кај лица постари од 18 години кои се позитивни на ковид-19 и имаат барем еден ризик фактор за развој на сериозна болест.

Многумина веруваат дека молнупиравир е одлично решение бидејќи така може да се лекуваме против коронавирус, а притоа да не престојуваме во болница, според Си-ен-ен.

Имено, кога на пациентот ќе му биде дијагностицирана зараза со ковид-19, тој може да започне со терапија со овој лек и два пати на ден во период од пет дена да зема четири капсули од 200 милиграми (вкупно 40 таблети).

„За разлика од вакцините, кои предизвикуваат имунолошки одговор, молнупиравир го оневозможува реплицирањето на вирусот“, рече Сањаја Сенанајака, специјалист за заразни болести на Австралискиот национален универзитет.

Прелиминарните резултати од третата фаза на клиничките испитувања спроведени од Мерк на повеќе од 700 невакцинирани пациенти покажаа дека пилулата може да го намали ризикот од хоспитализација или смрт за приближно 50%, во споредба со пациентите кои земале плацебо.

Учесниците примиле таблета или плацебо за време на студијата во рок од пет дена од почетокот на симптомите на инфекција, а ниту еден од оние кои примиле молнупиравир не починал во рок од 29 дена, за разлика од осум испитаници кои примале плацебо.

Компанијата Мерк соопшти дека може да произведе доволно лек за 10 милиони третмани до крајот на годината, но дека голем дел од тие залихи веќе биле купени од влади ширум светот.

Азиските земји побрзаа да го нарачаат овој најнов потенцијален лек против ковид. Според податоците на аналитичката компанија „Ерфинити“, најмалку осум земји од азиско-пацифичкиот регион, меѓу кои Нов Зеланд, Австралија и Јужна Кореја, веќе потпишале договори или се во преговори за купување на лек произведен од американската компанија Мерк.

Во октомври, британските власти објавија дека обезбедиле 480.000 третмани со молнупиравир.

„Ова е историски момент за нашата земја бидејќи Велика Британија сега е првата земја во светот што одобри антивирусен лек против ковид-19 кој може да се зема дома“, рече британскиот министер за здравство Саџид Џавид.

Мерк досега не откри детали за можните несакани ефекти од земањето молнупиравир, освен што изјави дека нивните нивоа биле слични меѓу оние учесници кои го земале лекот и оние кои примале плацебо.

Со оглед дека лекот цели на ензимот што коронавирусот го користи за репродукција и внесува грешки во неговиот генетски код, некои експерти веруваат дека молнупиравир потенцијално може да предизвика мутации што доведуваат до некои дефекти или тумори.

За време на студијата, на учесниците, и мажи и жени, им било наложено да користат контрацепција или да се воздржат од секс. Бремените жени биле исклучени од студијата. Мерк изјави дека лекот е безбеден кога се користи според упатствата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ