Обвинението, за кое се очекува да биде објавено денес, а прво во речиси тригодишната истрага на јавниот обвинител Сајрус Венс на Менхетн околу сомнителните финансии на поранешниот претседател Трамп.
Точните обвинувања сè уште не се познати, но Вашингтон пост јавува дека се поврзани со неплатен данок на бонуси, односно бенефиции за менаџерите на Организацијата Трамп.
Особено е интересно тоа што, како што пишува порталот Аксиос, обвинителите енергично вршеа притисок врз 73-годишниот Вајселберг, кој е детално запознаен со финансиите на Организацијата Трамп, да соработува во истрагата. Со други зборови, да се сврти против Трамп како сведок покајник. Се очекува Вајселберг денес да излезе пред судија.
Трамп и членови на неговото семејство наводно не се обвинети во рамки на ова обвинение, но истрагата и понатаму е во тек и може да следат нови обвиненија.
„Не можам да кажам дека целосно се извлекол“, коментираше адвокатот на Трамп Рон Фишети во понеделникот за Асошиејтед прес, додека во исто време ги отфрли доказите на обвинителството како многу слаби.
Ако компанијата се прогласи за виновна, одделни бизнис партнери би можеле да ги прекинат односите со компанијата на Трамп, но би можело да има и значителни парични казни.
Њујоршкиот државен адвокат Венс почна да ја истражува Организацијата Трамп во 2019 година, откако се утврди дека таа компанија на адвокатот и сојузникот на Трамп (кој во меѓувреме беше осуден на три години затвор) Мајкл Коен му надоместила 130.000 американски долари, кои овој ѝ ги уплатил на Сторми Дениелс, поранешната порно глумица, за молчење за тоа дека имала вонбрачна афера со Трамп.
Но истрагата во меѓувреме драматично се прошири, така што сега опфаќа низа потенцијално нелегални постапки на Трамп и неговата компанија, вклучувајќи спорни даночни олеснувања и наводно манипулирање со вредноста на своите недвижности за плаќање помал данок.
Венс уште во август 2019 издаде налог за запленување на финансиските документи на Трамп и конечно ги доби во февруари годинава, откако Врховниот суд ја укина пресудата во негова корист, иако Трамп тврдеше дека како претседател „има апсолутен имунитет од каква било кривична постапка“.
Трамп упорно негира какво било незаконско работење, а во понеделникот објави соопштение во кое уште еднаш оваа истрага ја нарече „продолжување на најголемиот лов на вештерки во историјата“.
Трамп е првиот американски претседател по Ричард Никсон кој не ги објавил своите даночни пријави.






