„Ниедна земја нема да може да излезе од пандемијата со помош на довакцинирање и тоа не е „зелено светло“ за прославите какви што се планираат“, кажа Тедрос Адханом Гебрејесус, генералниот секретар на СЗО во Женева, неколку дена пред католичкиот Божиќ.
„Програмите на неселективно довакцинирање ги имаат сите изгледи да ја продолжат пандемијата, а не да ја сопрат, бидејќи расположливите дози се насочуваат во земји со и онака висока стапка на вакцинираност, давајќи му така повеќе можност на вирусот да се шири и мутира“, истакна тој.
„Важно е да се сетиме дека многу големо мнозинство од хоспитализираните и починатите се невакцинирани, а не оние кои не примиле трета доза“, истакна тој, додавајќи: „И мораме да бидеме јасни во врска со фактот дека вакцините и понатаму се ефикасни и против делта и против омикрон варијантата“.
[video:https://youtu.be/4aW3IDpCLrg autoplay:0]Експертскиот одбор на СЗО за политиката на вакцинирање (САГЕ) наведува дека најмалку 126 земји веќе објавиле упатства за примање дополнителна (таканаречена бустер) доза и за дополнително вакцинирање (на пример на деца), а 120 веќе почнале таква кампања.
Тоа се главно богати и земји со средни примања, а „ниедна сиромашна земја сè уште не почнала програма за довакцинирање“, истакна САГЕ во соопштение.
СЗО исто така објави дека засега нема доволно податоци за новата варијанта на коронавирусот омикрон за да каже дали е позаразна од делтата.
„Оваа варијанта недоволно кружи меѓу населението низ светот“, кажа техничката директорка на СЗО за ковид-19 Марија ван Керкове.
Истакна дека податоците за новата варијанта, првпат идентификувана во Јужноафриканската Република во ноември, сè уште се конфузни додека земјите го пријавуваат нејзиното ширење.






