„Станува збор за вкупно 14 лица кои во Словенија по предвидените постапки ќе добијат азил, односно меѓународна заштита“, кажа словенечкиот министер за одбрана Матеј Тонин, додавајќи дека се презема сè за тие безбедно да се префрлат во Словенија.
„Станува збор за шестчлено семејство на авганистански преведувач, кое веќе се пробило до безбедниот дел на аеродромот во Кабул и чека превоз во трета земја, па во Словенија, и осумчлено семејство на авганистански техничар, кое живее надвор од Кабул и сè уште има проблем со излегувањето од земјата“, кажа Тонин.
„Со словенечката војска во изминатите 17 години соработувале значително повеќе Авганистанци, но се најмувале преку контингентот на италијанската војска во таа земја, па оние кои тоа го сакале уште претходно се повлекле од земјата со помош на Италија која им создала можност“, додаде тој.
Иако изрази скепса кон ветувањата на претставниците на талибанците дека се смениле и дека нема да се одмаздуваат ни да ги кршат човековите права, Тонин кажа дека таквите нивни изјави сведочат дека меѓународната мисија во Авганистан не била целосно неуспешна.
„Во Авганистан се отиде за да се обезбеди подобра иднина за младата генерација Авганистанци. Многу млади Авганистанците до сега се образуваа, тоа е најмоќното оружје кое денес го имаат. Затоа Авганистан денес е поинаков, па одредени нешта мораа да ги признаат и талибанците“, кажа Тонин.






