среда, 6 мај 2026

Сè повеќе германски политичари се залагаат за задолжителна вакцинација

Објавено на

часот

Сподели

„Јас всушност цело време бев противник на обврската за вакцинација, но мислам дека многу брзо ќе мораме да зборуваме на оваа тема“, рече Холетчек во разговор за јавниот сервис Дојчландфунк. Тој рече дека обврската за вакцинација нема да помогне денес или утре, но дека тоа е средство која води до излез од пандемијата.

„Во меѓувреме сум за тоа обврска да се воведе како последно средство во борбата против пандемијата и за тоа мора многу брзо да зборуваме и во Берлин, со цел да добиеме единствено решение за целата земја“, рече баварскиот министер за здравство.

Така тој се приклучи на политичарите на демохристијанската Унија ЦДУ/ЦСУ, кои не го следат општото мислење на партијата, која во правило ја отфрла обврската за вакцинација.

Пред Холетчек, за обврската за вакцинација се залагаа демократските премиери на сојузните покраини Баварија и Шлезвиг-Холштајн, Маркус Содер и Даниел Гунтер.

Челната партија на можната идна коалициска влада, Социјалдемократската партија на Германија (СПД) ќе расправа овие денови со водечките германски виролози за прашањето за воведување на обврската за вакцинација.

Експертот на СПД за здравствени прашања и можниот нов сојузен министер за здравство, Карл Лаутербах, во интервју за дневникот Билд, покажа отвореност за долгорочно тематизирање на обврската за вакцинација.

„Се разбира, ова нема да ни помогне акутно во моменталната ситуација, но ние мора да се движиме во насоката на обврската за вакцинација“, рече Лаутербах. Тој рече дека без обврската за вакцинација, веројатно нема да биде можно да се достигне квотата на вакцинирани што е потребна за излез од пандемијата.

И здравствениот експерт од партијата на Зелени, која исто така треба да учествува во работата на идната влада, Јанош Дамен индиректно се заложи за воведување обврска за вакцинација.

„Ако сакаме да сме искрени, мора да кажеме дека ако сакаме да се решиме од пандемијата и да ја постигнеме посакуваната вакцинираност, тогаш веќе нема да можеме да ја игнорираме оваа расправа“, рече Дамен во разговор за јавниот сервис АРД.

Либерално-демократската партија, која исто така треба да биде дел од новата коалициска влада, се противи на обврската за вакцинација, бидејќи смета дека таквата мерка ќе биде противуставна. Водечки виролози, исто така обврската ја сметаат за можна, но само како последна расположлива мерка.

„Никој не сака задолжителна вакцинација, но ако ништо друго не ни преостанува, ќе треба да размислиме и за тоа“, рече Лотар Вилер, директор на државниот епидемиолошки институт Роберт Кох за телевизиската станица ЗДФ.

Институтот Роберт Кох и денес забележа нови, рекордни вредности на новозаразени со коронавирус. Во рок од 24 часа, забележани се 30.643 новозаболени и 62 починати, а седумдневната инциденца за цела земја порасна на 386,5 на 100.000 жители. Меѓу покраините, највисоки бројки бележи Саксонија, која има седумдневна инциденца од 960,7 случаи на зараза на 100.000 жители.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ