Вежбата Морско ветре, која започна во понеделникот, е проследена со зголемување на тензиите меѓу НАТО и Москва, која минатата недела објави дека истрелала предупредувачки истрели и фрлила бомби на траекторијата на британскиот воен брод за да го истераат од водите на Црното Море покрај брегот на Крим.
Руската црноморска флота, на која се повикува Интерфакс, соопшти дека распоредила 20 борбени авиони и хеликоптери, вклучително и бомбардери Су-24М, како и С-400 и ракетен систем Панцир со ракети земја-воздух, како дел од подготвителниот тест.
Москва го смета Крим за дел од Русија, но полуостровот е меѓународно признат како дел од Украина, која го сака назад.
„Црноморската флота изведе повеќе дејствија за да ги следи акциите на бродовите на НАТО и другите земји кои учествуваат во Морско ветре 2021“, го пренесе Интерфакс соопштението од националниот центар за одбрана.
Москва пред да започнат воените вежби Морско ветре повика тие да се откажат, а руското министерство за одбрана соопшти дека ќе одговори доколку е потребно да се заштити националната безбедност.
Вежбите под име Морско ветре 2021 ќе траат две недели и вклучуваат 5.000 припадници на воениот персонал на НАТО и на други сојузници, како и околу 30 бродови и 40 авиони.
Ќе учествува и американскиот ракетен разурнувач УСС Рос и американски маринци.
Русија минатата недела ги предупреди Велика Британија и Соединетите Држави да не ја „предизвикуваат судбината“ испраќајќи воени бродови во Црното Море и рече дека ќе ги брани своите граници со сите можни средства, вклучително и со воена сила.






