Откако меѓусебните врски се на најниско ниво по Студената војна, Москва и Вашингтон се во спор околу бројот на дипломати кои можат заемно да ги испратат, иако Русија кажа дека е спремна да ги укине ограничувањата воведени во последните години.
Заменикот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Рјабков кажа денес дека за време на неодамнешните контакти со Вашингтон двете страни повторно ги изнеле од претходно познатите ставови, но и дека нова рунда преговори ќе се одржи во следните недели во трета земја.
„Нема напредок и изгледа дека не се ни очекува“, ги пренесе Интерфакс зборовите на Рјабков.
Тој кажа и дека следната рунда американско-руски преговори за стратегиската стабилност би можела да биде одржана во јануари.






