среда, 15 април 2026

Романија подарува вакцини поради недостигот од интерес

Објавено на

часот

Сподели

„Владата усвои итна одредба со која се овозможува да се препродадат дозите вакцини на некоја трета земја“, кажа државната секретарка Моника Алтхамер на конференција за новинарите.

Додека тоа не се реализира земјата ќе испрати хуманитарна помош од вкупно 151.000 дози на своите соседи како Украина и Србија, како што веќе ѝ испрати на Молдавија.

Романија, која до сега доби речиси 15 милиони дози, ќе го сопре купувањето на 4,4 милиони дози предвидено во текот на јуни во рамки на заедничката европска процедура, кажа за Франс прес друг функционер на министерството Андреи Бациу.

Владата на земјата со 19 милиони жители си постави цел да вакцинира 5 милиони луѓе пред почетокот на јуни. Меѓутоа, досега само 4,2 милиони Романци добиле две дози вакцина, што е помалку од четвртина од населението.

Властите се обидоа на разни начини да го мотивираат населението, организирајќи меѓу другото маратони за вакцинирање. Меѓутоа од врвот кој го достигна таа операција во мај кога се имунизираа 100.000 луѓе дневно настапи апатија и воздржаност.

Денес се дадени само 32.000 дози.

„Не треба да се обвинуваат Романците поради овој неуспех, беше предвидливо дека популистичката кампања за ублажување на рестрикциите нема да ја поттикне вакцинацијата“, напиша научникот Октавијан Јурма на Фејсбук.

Владата на крајот на мај ги укина повеќето антиковид мерки вклучувајќи носење маски на отворено, и дозволи постепено отворање на рестораните и кината.

Романија беше силно погодена од третиот бран на пандемијата на почетокот на пролетта и сега бележи голем пад на бројот на заразените, околу сто дневно, како и намалување на бројот на пациенти на интензивна нега кои денес ги имало помалку од 200, во однос на 1.500 кога беше најсилна здравствената криза.

Владиниот функционер задолжен за вакцинирањето Валериу Георгита предупреди дека пандемијата не е готова и потсети дека е можен четврти бран.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ