петок, 7 ноември 2025

Пресретната подморница полна со кокаин, била упатена кон Европа (ВИДЕО)

Четири лица се уапсени откако португалските власти пресретнаа подморница што превезувала повеќе од 1,7 тони кокаин во средината на Атлантикот. Полуподморницата се движела кон Иберискиот Полуостров и била запленета во последните денови, потврдија официјални лица.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Објавени се и снимки на кои се гледа како полицијата и морнарицата ја опкружуваат подморницата пред да се качат на неа, да ја запленат дрогата и да го апсат четиричлениот екипаж, за кој се вели дека е од Јужна Америка. Центарот за поморска анализа и операции (MAOЦ) со седиште во Лисабон добил информации дека криминална организација се подготвува да испрати подморница натоварена со кокаин за Европа.

Неколку дена подоцна, португалски брод успешно ја лоцираше подморницата на приближно 1.000 наутички милји (1.852 км) од брегот на Лисабон, во операција поддржана од британската Национална агенција за криминал и американската Администрација за борба против дрога.

Осомничените – двајца Еквадорци, еден Венецуелец и еден Колумбиец – се во притвор откако беа изведени пред суд на Азорските Острови. Витор Ананијас, началник на португалската полициска единица за борба против дрога, рече дека нивните различни националности покажуваат дека организацијата што стои зад нив не е базирана само во една земја.

По заплената, морнарицата соопшти дека подморницата не може да се одвлече назад до брегот поради лошото време и кревката конструкција, а подоцна потонала на отворено море.

Витор Ананијас исто така им ги опиша тешките услови на ваквите бродови на новинарите: „Помеѓу топлината, испарувањата од бродот и високите бранови, со тешките временски услови, дури и еден ден е тежок за четворица мажи на бродот. По 15 или 20 дена, сè што сакате да направите е да излезете“.

Тој додаде дека ваквите инциденти се „повторуваат во последните години“, објави новинската агенција Луса. Во март оваа година, сличен брод што превезувал 6,5 тони кокаин бил запленет на околу 1.200 наутички милји од Лисабон.

Заплената доаѓа и во време кога администрацијата на Трамп ги засилува своите мерки против бродовите за кои вели дека се користат за шверц на дрога во Соединетите Држави.

Минатата недела, тројца мажи беа убиени во американски напад врз брод кој наводно транспортирал дрога во Карибите. Експертите ја доведуваат во прашање легалноста на ваквите рации според меѓународното право, а предизвикаа и силни критики од латиноамериканските лидери чии граѓани беа цел на нападите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ