Дневниот број на новозаразени во Финска се зголеми од околу 50 на ден на повеќе од 200 минатата недела и се очекува дополнително да расте, предупредуваат властите.
Јасно е дека бројот на новозаразени се зголеми поради враќањето на навивачите, тврди Мика Салминен од Финскиот здравствен институт.
„Со проучување на нивната возраст, јасно е дека многу од нив сè уште не примиле две дози на вакцина“, додаде Салминен.
Локалните здравствени власти објавија дека во областа околу Хелсинки биле откриени повеќе од 200 зарази што се случиле во Русија.
„Клучното прашање е дали ќе видиме ширење на заразата. Сега се чини дека нема да можеме да ги олесниме мерките во Хелсинки“, рече Салминен.
Неговиот институт проценил дека помеѓу 4,5 и 6 илјади Финци отишле на натпреварите во рускиот град Санкт Петербург, кој во моментов руши рекорди по бројот на смртни случаи од ковид-19.
Властите сè уште се обидуваат да ги лоцираат сите оние кои биле во Русија, предупредувајќи ги дека можеби го пренеле вирусот на своите пријатели и семејството.
Финска сè уште е една од земјите кои се најмалку погодени од пандемијата на коронавирусот. Во таа земја со 5,5 милиони жители се заразиле 95.387 лица, а 969 починале.






