четврток, 7 мај 2026

Полскиот премиер: ЕУ оди кон бирократски централизам, тоа мора да сопре

Објавено на

часот

Сподели

Премиерот Матеуш Моравјецки кажа дека одлуката на Европската комисија да почне нова постапка против Варшава покажува дека „тенденцијата на Брисел кон развој на демократски централизам, бирократски централизам напредува, но тоа мора да сопре“.

Тој истакна дека не се согласува со одлуката на Европската комисија.

„Мислам дека сè повеќе држави членки на ЕУ гледаат дека на крајот некаде мора да постои граница на надлежноста, она за што Европската комисија може да одлучува и она за што може да одлучува полската држава“.

Европската комисија почна денес постапка против Полска поради одлуките на полскиот уставен суд, со кои одлучи дека некои одредби на договорот на ЕУ не се во согласност со полскиот устав, доведувајќи го во прашање приматот на европското право.

ЕК ѝ испрати денес на Полска официјална опомена, што е првиот чекор во постапката која може да заврши пред Судот на ЕУ. Полска има два месеци за одговор на опомената.

Комисијата смета дека пресудите на полскиот уставен суд ги кршат основните принципи на автономијата, приматот на правото на ЕУ, ефикасноста и едноличната примена на правото во Унијата и обврзувачкиот ефект на пресудите на Судот на ЕУ.

Комисијата ја доведува во прашање и независноста и објективноста на полскиот уставен суд и смета дека тој не ги исполнува барањата за да се смета за суд според претходно усвоениот закон.

Полска веќе неколку години е во судир со ЕК поради правосудната реформа која ја спроведува тамошната националистичка владејачка коалиција, а Судот на ЕУ веќе донесе некои одлуки против Варшава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ