На редовната конференција за новинари на хуманитарните агенции, портпаролката на високиот комесар на ОН Лиз Тросел објасни дека нивниот тим успеал да влезе во Полска, но не добил одобрение за пристап до пограничната област, додека Белорусија го блокирала пристапот до целата своја територија.
„Ги повикуваме властите на двете земји да овозможат пристап до пограничните области за хуманитарните агенции и агенциите за човекови права, новинарите и адвокатите, како и на претставниците на граѓанското општество“, додаде таа.
Канцеларијата на високиот комесар ги повикува Белорусија и Полска „итно да ја поправат“ очајната состојба во која се наоѓаат мигрантите и бегалците на границата меѓу двете земји.
Од 20 ноември до 3 декември, тимот на Канцеларијата на високиот комесар бил во Полска, каде што се состанал со претставници на владата и граѓанското општество и разговарал со 31 мигрант кои пристигнале меѓу август и ноември.
„Тие опишаа ужасни услови на двете страни на границата, без или со ограничен пристап до храна, вода за пиење и засолниште“, додаде Тросел.
„Повеќето рекоа дека припадници на безбедносните сили ги тепале или им се заканувале додека биле во Белорусија и ги принудувале да ја преминат границата, им кажувале каде и кога да преминат и ги спречиле да се вратат во Минск“, рече таа.
Канцеларијата на високиот комесар ја повикува Белорусија да ги истражи овие наводи и веднаш да ги прекине, а ја повикува Полска да престане да праќа мигранти во Белорусија без индивидуално разгледување на случаите и систематски да не ги затвора оние кои не се вратени.
„Притворот треба да биде исклучително последно средство со ограничено траење“, рече портпаролката. „Ја потсетуваме ЕУ и нејзините земји-членки на нивната обврска да ги почитуваат човековите права на надворешните граници на ЕУ“.
Западните земји ја обвинуваат Белорусија дека од летото организира прилив на илјадници мигранти за да се одмазди за санкциите што ѝ беа воведени по спорните избори во 2020 година. Минск ги отфрла обвинувањата и ѝ замерува на Варшава што насилно ги одбива мигрантите кои успеале да ја преминат границата.






