Тие велат дека 60% од луѓето со јужноазиско потекло и 15% од луѓето со европско потекло носат високоризична верзија на генот.
Вакцините се клучни и помагаат значително да се намалат тие ризици, велат истражувачите.
Студијата Нејчр џенетикс открива зошто некои заедници во Обединетото Кралство и во Јужна Азија се изложени на поголем ризик од ковид – но тоа не го објаснува потполно.
Надоврзувајќи се на претходната генетска работа, истражувачите употребија комбинација на вештачка интелигенција и на нови молекуларни технологии за да го одредат точниот ген – наречен ЛЗТФЛ1 – одговорен за зголемените ризици.
„Луѓето со поризичен ген ќе имаат особена корист од вакцинирањето“.
Тие проценуваат дека ризичната верзија на генот е присутна кај околу 2% луѓе со африканско-карипско потекло и 1,8% луѓе со источноазиско потекло.
Главниот истражувач, проф. Џејмс Дејвис, кажа дека откритието дека ризичниот ген не влијае еднакво на сите популации било мошне важно.
Но, рече тој, сложената мешавина на фактори – особено возраста – придонесува за индивидуален ризик кај секое лице.
„Социоекономските фактори веројатно се исто така важни во објаснувањето зошто некои заедници се особено тешко погодени од пандемијата“, додаде тој.
„Иако не можеме да ја промениме својата генетика, нашите резултати покажуваат дека луѓето со поголем ризичен ген веројатно ќе имаат особена корист од вакцинирањето“.
Истражувачите веруваат дека ризичната верзија на генот ги прави човечките бели дробови почувствителни на короната.
Тие претпоставуваат дека високоризичниот ген го исфрла од функција клучниот заштитен механизам, кој клетките што ги обложуваат белите дробови обично го користат за одбрана од ковидот.
Кога клетките што ги обложуваат белите дробови ќе стапат во интеракција со короната, една од нивните одбранбени стратегии е да се претворат во помалку специјализирани клетки и да станат помалку поволни за вирусот.
Овој процес на деспецијализација го намалува количеството на клучниот протеин наречен АЦЕ-2 на површината на клетките, кој е клучен за прицврстување на коронавирусот на клетките.
Но за луѓето со ризична верзија на генот ЛЗТФЛ1 овој процес не функционира толку добро, а клетките на белите дробови остануваат чувствителни на инвазијата на вирусот.
Научниците велат дека е значајно тоа дека односниот ген влијае на белите дробови, но нема влијание врз имунолошкиот систем.
Тоа значи дека луѓето со висок ризик сепак може да добијат имунолошка заштита од вакцината, велат тие.
Научниците се надеваат дека ова откритие ќе помогне да се дојде до нови приспособени лекови што се концентрираат на белите дробови – сегашните главно се фокусираат на имунолошкиот систем.






