Премиерката рече дека од 23:59 часот на 2 декември Нов Зеланд ќе почне со примена на нови методи за борба против ковид-19 и ќе се обиде да го потисне делта-сојот на вирусот наместо да се обидува целосно да го елиминира.
„Суровата вистина е дека делта-сојот е тука и не е спремен да исчезне. Иако ниту една земја не успеа целосно да го елиминира делта-сојот, Нов Зеланд е во подобра позиција од повеќето други да се справи со тоа“, рече таа.
Досега нејзината влада се обидуваше целосно да го елиминира вирусот, спроведувајќи ја таканаречената политика за нулта-ковид, со строги мерки за карантин, ригорозно следење на контактите и строга гранична контрола.
Новиот систем, кој не предвидува карантини, беше претставен како систем „семафор“. Зеленото значи дека нема да има никакви контроли за вирусот, портокаловото значи дека ќе се носи маска на некои места, а црвеното дозволува продавниците да бидат отворени само за вакцинираните клиенти со неопходното почитување на физичката дистанца.
Од коронавирусот починаа 40 луѓе во Нов Зеланд, кој има пет милиони жители, но се зголеми притисокот да му се стави крај на карантинот воведен во Окленд од август, кога беше откриен делта-сојот.
Ардерн прво предвиде дека ќе ја промени својата политика кога стапката на вакцинација ќе достигне 90 проценти во земјата, но на крај го помести повторното отворање на градот со сегашната стапка на вакцинација од околу 83 проценти.
Премиерот рече дека Окленд прво ќе биде во црвената категорија, додавајќи дека властите сѐ уште ги рангираат другите зони.
Окленд сега е изолиран од остатокот на Нов Зеланд, а блокадите на патиштата треба да бидат отстранети на 15 декември.
Строгите прописи за меѓународните пристигнувања остануваат во сила, рече Ардерн, најавувајќи дека ќе ги олесни во почетокот на следната година.






