„Се зголемува присуството на предводницата на НАТО пактот во близина на границите на Русија и Белорусија, се модернизира неговата воена инфраструктура, се создаваат резерви на вооружување, воена техника и материјални средства, се вежба префрлање на трупите“, кажа Шојгу на заедничкиот колегиум на министерствата за одбрана на Русија и Белорусија.
Договорот за формирање на Заедницата на Русија и Белорусија е потпишан на 2 април 1996, а на 8 декември 1999 е потпишан договор за формирање на Сојузната Држава Русија и Белорусија. Шојгу додаде дека во Полска и во балтичките земји е префрлена оклопна бригада на копнената војска на САД и четири мултинационални баталјонски тактички групи. „Во Романија, Полска и Летонија се формирани штабови на коалициските дивизии на Алијансата. Се зголемува капацитетот на инфраструктурата во пристаништата и на аеродромите“, истакна рускиот министер за одбрана.
Според неговата проценка, „бројот на силите на НАТО за реагирање пораснал од 25.000 на 40.000 војници“.
„Во Романија и Полска, Вашингтон распоредува противракетни системи. Притоа, универзалноста на нивните лансирни капацитети овозможува паралелно со противракетите да се користат и крстосувачки ракети „томахавк“ и перспективно ударно вооружување кое го развива Пентагон“, констатираше Шојгу.
Додаде дека САД, со целосна поддршка од НАТО сојузниците, почнале активно да работат на модернизација на тактичкото нуклеарно оружје и базите за негово чување во европските земји.
Како што истакна, особена загриженост предизвикува вклучувањето на пилоти од ненуклеарни држави – членки на блокот во воени вежби на кои се вежба примена на тактичко нуклеарно оружје.
„Тоа претставува директно кршење на Договорот за неширење на нуклеарното оружје“, порача Шојгу.






