среда, 22 април 2026

Ливерпул го изгуби статусот на светско културно наследство

Објавено на

часот

Сподели

Ливерпул беше вклучен во светското наследство од страна на организацијата на Обединетите нации во 2004 година и им се придружи на светските знаменитости. По гласањето во Кина од страна на членовите на Одборот за светско наследство, Унеско соопшти дека новите згради во Ливерпул ја поткопуваат „автентичноста и интегритетот на градот“.

Ливерпул, родниот град на Битлси, беше ставен на листата во рамки на признанието на неговата улога како едно од најважните светски пристаништа во 18 и 19 век и поради архитектонската убавина, потсетува Ројтерс.

Џоан Андерсон, градоначалничката на Ливерпул, кажа дека одлуката за отстранување на градот од листата е „несфатлива“ бидејќи следи десет години откако функционери на Унеско последен пат го посетиле градот. Таа кажа дека се надева дека на одлуката ќе биде поднесена жалба.

„Многу сум разочарана и загрижена“, кажа таа. „Нашето светско наследство никогаш не било во подобра состојба откако имаше корист од стотиците милиони фунти инвестиции“.

Џејн Кејси, која беше креативна директорка на проектот „Ливерпул, престолнина на културата“ во 2008 и која се смета за една од највлијателните лица во областа на културата на градот, кажа за Гардијан дека вчерашното соопштение е депресивна пресвртница на инаку гордата културна историја на градот.

„Веќе некое време сме свесни дека инвеститорите имаат големо влијание во градот. Вечерва тие ќе отворат шампањско бидејќи сега ќе можат да градат на секое парче земја“.

Единствени други локации на кои претходно им била одземена титулата на светско наследство се засолниште за диви животни во Оман во 2007 поради ловот и губењето на живеалиштата и долината на Елба во Дрезден во Германија во 2009 кога над реката беше изграден мост со четири ленти.

Титулата на светско наследство им овозможува на локациите пристап до фондот на ОН за зачувување, како и спомнување во туристичките водичи низ светот.

Заканата за отстранување од листата висеше над Ливерпул од 2012 година откако Унеско предупреди дека плановите за станбени и деловни згради ќе го уништат пејзажот на градот.

Плановите за новиот стадион на фудбалскиот клуб Евертон на дел од поранешните докови беа одобрени претходно годинава и покрај противењата на здруженијата за зачувување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ