Барањето за оставка на претседателот Мигел Дијаз-Канел изнесе илјадници Кубанци на улиците во Хавана. Според Ројтерс, неделните демонстрации во оваа карипска земја се најголемите антивладини протести во изминатите неколку децении. Во исто време, приврзаниците на владата носеа кубански знамиња и го извикуваа името на поранешниот лидер Фидел Кастро.
На протестот учествуваа претежно млади Кубанци, а полицијата реагираше и го прекина маршот. Демонстрантите ја гаѓаа со камења. Очевидци за Ројтерс изјавија дека виделе како безбедносните сили, потпомогнати од цивилната полиција, апсат околу 20 демонстранти.
За време на демонстрациите полицијата употреби солзавец и истепа некои демонстранти, како и фотографот што работи за американската новинска агенција Асошиејтед прес.
На улиците беа видени џипови на специјалните единици, чии припадници носеа автоматски пушки на грб, а присуството на полицијата беше големо дури и откако демонстрантите заминаа дома.
Се слушаа паролите „Слобода“, „Доста“ и „Обединете се“.
„Доста ни е од редици, од недостиг. Затоа сум тука“, изјави еден демонстрант за Асошиејтед прес.
Протестите избувнаа во екот на најтешката економска криза од распадот на Советскиот Сојуз, поранешен сојузник на Куба, но и рекорден број заболени од коронавирусот, а луѓето го креваат својот глас поради недостигот од храна, кршење на граѓанските слободи и начинот на кој владата се бори против пандемијата.
Во телевизиски говор, Дијаз-Канел, водачот на Кубанската комунистичка партија, за немирите ги обвини Соединетите Држави, кои во претходните години го интензивираа повеќедецениското трговско ембарго. Тој смета дека многу демонстранти биле искрени, но биле изманипулирани од Соединетите Држави, кои „ја организираа кампањата на социјалните мрежи, со помош на платеници на теренот“.
Претседателот на Куба предупреди дека нема да се толерираат нови провокации, повикувајќи ги своите приврзаници да се спротивстават на ваквите провокации.
Поддршка до демонстрантите преку Твитер испрати Џули Чунг, вршител на должноста помошник-државен секретар за западната хемисфера.
[video:https://www.youtube.com/watch?v=lQkXESTTJB8 autoplay:0]„На Куба растат мирни протести, бидејќи народот го користи своето право на мирно собирање за да изрази загриженост за растечкиот број болни и мртви од ковид и недостигот од лекови. Ние ги пофалуваме многубројните напори на кубанскиот народ да мобилизира донации за да им помогне на своите соседи во неволја“, рече таа во изјавата.
[video:https://www.youtube.com/watch?v=pIUHDhsNKy0 autoplay:0]Кубанскиот генерален директор за американски прашања Карлос де Косио ги отфрли нејзините коментари на Твитер: „Американскиот Стејт департмент и неговите официјални лица, кои се вклучени во промовирање социјална и политичка нестабилност на Куба, треба да ја избегнуваат лицемерната загриженост за ситуацијата на која се кладеа. Куба е и ќе биде мирна земја, за разлика од САД“.






