Во 1977 година, кога беше објавен филмот „Војна на ѕвездите: Епизода IV – Нова надеж“, морските геолози првпат забележале хидротермален извор во длабокото море, објави Би-би-си сајенс фокус.
Тие нуркале во подморница позната како „Алвин“, во источниот Тихи Океан на длабочина од околу 2.500 метри.
Гледајќи низ малиот прозорец на подморницата „Алвин“, научниците биле изненадени кога виделе дека високите, карпести оџаци не само што исфрлале врела течност, туку биле и целосно покриени со животни.
Оваа оаза на животот била чудна како и сè што некогаш замислил Џорџ Лукас.
Црвите Алвинела помпејана (Alvinella pompejana) беа меѓу видовите откриени за време на првиот бран на истражување на хидротермалните извори кон крајот на седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите години.
Овие розови црви растат до околу 15 сантиметри и се покриени со сиви „влакна“. Имаат група црвени жабри на предниот дел од телото.
Научниците ги нарекоа овие необични црви по подморницата Алвин и древниот римски град кој е познат по тоа што бил уништен во ерупција на вулкан.
Иако црвите Алвинела помпејана всушност не живеат на активни вулкани, нивните живеалишта не се ништо помалку негостољубиви.
Хидротермалните извори се длабокоморска верзија на термалните извори, само што се многу потопли и потоксични од било што на копно.
Тие се формираат на границите на тектонските плочи, каде што плитките комори од магма ја загреваат морската вода додека минува низ порозни карпи на океанското дно, а потоа еруптираат назад на температура од неколку стотици степени Целзиусови.
Не е ни чудо што црвите Алвинела помпејана стекнале репутација на еден од животинските видови најотпорни на топлина. Сонди вметнати во тенки цевчиња кои ги вградуваат на страните на оџаците забележале температури меѓу 60 и 80°C на задниот дел на телото.
Температурите што се искачуваат над 100°C, исто така, се чини дека не им пречат. Научниците сè уште не разбираат целосно како овие црви ја толерираат топлината, но нивниот сив, „влакнест“ слој може да ги заштити од најлошото.
Оваа обвивка е составена од бактерии со кои се хранат црвите – што укажува дека ова е намерна врска, а не случајност. Се чини дека бактериите помагаат во циркулацијата на постудената морска вода околу телата на црвите. Тие веројатно ги детоксицираат и тешките метали што излегуваат од хидротермалните извори.
Повеќе тајни на помпејските црви се скриени во нивните гени. Тие произведуваат екстремно отпорна верзија на протеин од топлотен шок што го спречува распаѓањето на клучните молекули на високи температури. Тие исто така произведуваат форма на колаген што може да издржи екстремен притисок, така што нивните тела не се распаѓаат.
Овие извонредни црви можеби имаат и начин на живеење во длабокото море што наликува на научна фантастика. Во лабораторијата, научниците ги оладиле нивните јајца на 2 степени, што е приближно температурата на водата во морето, далеку од хидротермалните извори.
Изладените јајца престанаа да се делат, но не угинаа. Кога температурата на водата повторно се зголемила по неколку дена, јајцата продолжиле да се развиваат.
Ова ја зголемува можноста дека помпејските црви ослободуваат јајца кои пловат длабоко во морето во состојба на „мирна“ активност. Кога ќе стигнат до друг хидротермален извор, тие се „будат“ и започнуваат нова колонија.






