вторник, 5 мај 2026

Короната пустоши низ Европа, СЗО вели до февруари можеби ќе умрат уште половина милион луѓе

Објавено на

часот

Сподели

Во Германија во последниве 24 часа е забележан најголем број новозаразени со коронавирусот од почетокот на епидемијата. Институтот Роберт Кох забележа речиси 34.000 нови случаи на инфекција, што е пораст во однос на минатонеделните за околу 28.000. Во последните 24 часа починаа 165 лица, во однос на минатонеделните 126.

Околу две третини од 83 милиони Германци се вакцинирани, а околу 16,2 милиони луѓе и понатаму не примија ниедна доза. Затоа Германија е спремна да инсистира на зелените сертификати.

„Гледаме како ова функционира во Италија. Јас лично на самитот Г20 во Рим морав да покажам сертификат, и тоа повеќе пати во еден ден отколку во Германија за четири недели. Тоа е потребно и тука“, порача министерот за здравство Јенс Шпан.

САД денеска ја почнуваат вакцинацијата против ковид-19 на децата од пет до единаесет години, а можност да се имунизираат ќе имаат 28 милиони деца од предучилишна и училишна возраст.

Американскиот Центар за контрола и превенција на болести вчера ја препорача вакцината на компанијата „Фајзер“ за поширока употреба во оваа старосна група.

„За родителите низ цела оваа земја ова е ден на олеснување и славење по речиси 18 месеци грижи секој пат кога вашето дете ќе шмркне или ќе почне да кашла, па сега можете да ги заштитите од овој ужасен вирус“, рече американскиот претседател Џозеф Бајден.

Околу 59 отсто Американци се целосно вакцинирани против ковид-19, но децата помлади од 12 години досега не беа одредени за имунизација. Поради ширењето на делта-сојот на коронавирусот илјадници деца се хоспитализирани и во моментов сочинуваат 25 отсто од заразените во САД.

„Тексас порача 1,3 милион дози. Деца има барем еден милион повеќе, но сметаме дека нема да се имунизираат сите во првата недела, така што ќе има доволно вакцини“, наведува американскиот службеник Клеј Џенкинс.

Во Соединетите Американски Држави од четвртокот е во сила наредбата на претседателот Џозеф Бајден за задолжителна вакцинација за вработените. Според оваа одлука, десетина милиони луѓе во компаниите што имаат 100 или повеќе вработени мора да бидат вакцинирани против коронавирусот или да се тестираат еднаш неделно.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ