петок, 7 ноември 2025

Кинеските државни нафтени компании го прекинаа купувањето на голем дел од руската нафта

Кинеските државни нафтени компании ги прекинаа купувањата на руска нафта која се транспортира по морски пат откако САД воведоа санкции врз Роснефт и Лукоил, најголемите руски нафтени компании, изјавија повеќе извори за Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Четири кинески компании се одлучија за овој потег во време кога рафинериите во Индија, најголемиот купувач на руска нафта која се транспортира по морски пат, беа принудени значително да го намалат увозот на сурова нафта од Русија, со цел да не ги прекршат санкциите што САД ги воведоа врз Москва поради нападот врз Украина.

Ненадејниот пад на побарувачката за нафта од Роснефт и Лукоил ќе ги намали приходите од нафта на Москва и ќе ги принуди водечките светски увозници да бараат алтернативни извори и да ги зголемат глобалните цени на овој енергенс.

Извори за Ројтерс изјавија дека четири кинески нафтени компании (Петрочајна, Синопек, ЦНООК и Женхуа Оил) ќе се воздржат од купување руска нафта транспортирана по морски пат, барем на краток рок, поради загриженоста од санкциите.

Кина увезува околу 1,4 милиони барели руска нафта дневно по морски пат, а поголемиот дел од таа количина ја купуваат независни рафинерии, додека проценките за количината што ја купуваат државните рафинерии значително варираат.

Роснефт и Лукоил го продаваат поголемиот дел од својата нафта на Кина преку посредници, наместо директно да работат со клиентите, велат трговците.

Пазарите реагираа откако САД вчера објавија дека воведуваат санкции врз Роснефт и Лукоил.

Кина исто така увезува и околу 900.000 барели руска нафта дневно преку цевководи, а целата таа количина оди во Петрочајна, за која неколку трговци рекоа дека веројатно ќе биде малку засегната од санкциите.

Се очекува Индија и Кина да се свртат кон други добавувачи, што ќе ги зголеми цените на нафтата што не е под санкции, од Блискиот Исток, Африка и Латинска Америка, велат трговците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ