петок, 1 мај 2026

Јапонија има нов премиер

Објавено на

часот

Сподели

Победникот на партискиот избор за наследник на непопуларниот премиер Јошихиде Суга речиси сигурно ќе стане премиер бидејќи има мнозинство во долниот дом на парламентот.

Кишида потекнува од семејство на политичари од Хирошима, градот од кој како пратеник влезе во долниот дом на парламентот уште во 1993 следејќи ги своите татко и дедо.

На чело на владата доаѓа од втор обид, откако пред една година изгуби во соочувањето со актуелниот премиер Јошихиде Суга кој се повлекува од должноста поради големиот пад на популарноста.

Поддршката за Суга падна поради начинот на кој се носеше со пандемијата, поради што и го најави своето заминување пред општите избори кои мора да се одржат до 28 ноември.

„Тогаш не бев доволно добар“, оцени неодамна Кишида, осврнувајќи се на претходната кампања за лидерското место на ЛДП, партија од десниот центар.

„Овој пат е поинаку. Цврсто верувам дека јас сум лидерот кој е потребен во овој момент“, кажа Кишида кој сака да го смени својот имиџ на пристојна, но малку досадна личност.

Иако неговиот соперник на партиските избори имаше најголем број гласови во јавните анкети, Кишида водеше меѓу пратениците бидејќи високите партиски лидери го сметаат за постабилен, оцени експертот за јапонската политичка сцена Бред Глосерман од универзитетот Тама во Токио.

„Кишида наголемо важи за сигурен избор, иако во јавноста е воздржан и се држи на страна, што некои му го префрлаат како недостиг од харизма“, вели Глосерман.

Фумио Кишида од 2012 до 2017 година беше министер за надворешни работи во мандатот на премиерот Шинзо Абе, кога испреговара договори со Русија и Јужна Кореја, земјите со кои Јапонија често ги заладува односите.

Тој е жесток заговорник на укинување на нуклеарното оружје и во 2016 година помогна во реализацијата на посетата на тогашниот американски претседател Барак Обама на Хирошима кога оддаде почит на жртвите на првиот нуклеарен напад во историјата, повика на „свет без нуклеарно оружје“, но не се извини за американското бомбардирање на Хирошима.

Но, иако се противи на нуклеарното оружје, Кишида е склон на употребата на нуклеарната енергија во цивилни цели која од нуклеарната катастрофа во 2011 година во Фукушима е ограничена.

На економски план поранешниот банкар ветува голем стимулативен пакет за да ги ублажи последиците на пандемијата и намалувањето на општествените нееднаквости, дистанцирајќи се од неолибеарлните политики кои доминираат во Јапонија во последните две децении.

„Луѓето сакаат политика на великодушност, а јас знам да слушам“, кажа Кишида.

Истовремено ја дели загриженоста за стабилизирање на јавните финансии, откако јапонскиот долг, според податоците на Меѓународниот монетарен фонд, во 2020 достигна 256 отсто од националниот БДП.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ