Состанокот го отвори иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф со кратко видео објавено од неговото министерство.
Нешто повеќе од два месеци пред рокот утврден за повлекување на американската армија од Авганистан, на 11 септември, Зариф ги повика авганистанскиот „народ и политичките лидери“ да „донесат тешки одлуки за иднината на својата земја“, се вели во соопштението, во моменти кога талибанците воено напредуваат на терен, благодарение на американското повлекување.
Талибанците во средата го извршија првиот напад врз главен град на провинција, Кала-е-Нау, на северозападот на земјата, откако во почетокот на мај почнаа офанзива против владините сили.
Иран е мошне загрижен за ситуацијата во Авганистан, соседна земја со која дели долга граница и од која во последните години прими неколку милиони луѓе и бегалци.
Истакнувајќи го „поразот на САД во Авганистан“ и „значителната штета“ предизвикана од странската окупација на земјата во повеќе од 20 години, Зариф изрази жалење за „штетните последици од континуираниот конфликт“, се вели во соопштението.
Авганистанската делегација ја предводи Мохамад Јунус Кануни, поранешен потпретседател на Авганистан, а талибанците нивниот преговарач Мохамад Абас Станикзаи.
Зариф оцени дека „враќањето на меѓуавганистанските преговори и ангажманот за политички решенија (на судирот) се најдобриот избор што им се нуди на авганистанските лидери и политичките движења“, се вели во соопштението.
Тој ја изрази „подготвеноста на Иран да придонесе во овој процес на дијалог меѓу различните страни со цел да се решат конфликтите и кризите во земјата“, се додава.
„Горди сме што бевме со нашите благородни авганистански браќа и сестри за време на џихадот против странските окупатори“, рече Зариф на отворањето на состанокот.






