Ситуацијата во Авганистан ги поттикна стравувањата во Европа од повторување на мигрантската криза од 2015 година кога речиси милион луѓе избегаа од Блискиот Исток кон Европа, патувајќи преку Турција и Грција.
„Авганистанската криза создава можност за мигрантски бран. Не можеме пасивно да чекаме потенцијален удар“, рече грчкиот министер за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис по посетата на северниот пограничен регион Еврос со министерот за одбрана и военото раководство.
„Нашите граници ќе останат безбедни и непробојни“, нагласи тој.
Хрисохоидис рече дека новото проширување на оградата, на постојните 12,5 километри, е изградено во изминативе недели, кога е воспоставен и високотехнолошки, автоматски систем за надзор.
Владата го најави продолжувањето на оградата минатата година кога десетици илјади баратели на азил се обидоа да преминат од Турција во Грција, откако Анкара објави дека повеќе нема да ги спречува во тоа.
Грција и Турција, НАТО сојузнички, но и историски ривали, долго се во спор за низа прашања, од територијални претензии на источниот Медитеран до мигрантски бродови.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во петок телефонски ќе разговара за ситуацијата во Авганистан со турскиот претседател Таип Ердоган.
Грција ја заостри мигрантската политика во последните месеци, оградувајќи ги мигрантските кампови и објавувајќи ЕУ тендери за изградба на два објекти од затворен тип на островите Самос и Лезбос.






