Полицијата на коњи во Мелбурн користеше бибер спреј за да ја растера толпата што напредуваше кон полициските редови.
Во Сиднеј, голем контингент интервентна полиција спречи собирање помал број демонстранти.
Полицијата во државата Викорија најави парични казни во износ од 3.600 американски долари за секој што е утврдено дека учествувал во протестот.
Сиднеј, град со повеќе од 5 милиони луѓе, сега веќе повеќе од два месеци е во строга блокада и досега не успеа да ја сузбие заразата што се прошири преку меѓународните граници до соседен Нов Зеланд.
Огромното мнозинство од 894 случаи пријавени ширум Австралија се однесуваат на Сиднеј, жариште на ширењето на делта варијантата на вирусот.
„Тука, во Нов Јужен Велс, ние сме во многу сериозна ситуација“, рече министерот за здравство Бред Хазард. „Сега не е време за себичност, време е да се размислува за пошироката заедница и за нашите семејства“, истакна тој.
Полицијата патролира по улиците во Сиднеј и го запира приватниот и јавниот сообраќај до центарот на градот, за да го намали бројот на луѓе кои се собираат на незаконски протести.
Во Мелбурн, многумина успеаја да протестираат низ градот, а некои демонстранти се судрија со полицијата откако премиерот на Викторија, Даниел Ендрјус го прошири карантинот во градот на целата држава.
Комесарот на Викторијанската полиција Шејн Патон претходно ги предупреди луѓето да се држат настрана од протестите, додавајќи дека „всушност е смешно да се мисли дека луѓето би можеле да бидат толку себични и да дојдат да протестираат“.
Протестите против блокадите во голема мера не се поддржани од Австралијците. Анкетата спроведена кон крајот на јули од фирмата за истражување на пазарот Атинг рисрч покажа дека само 7 проценти од луѓето ги поддржуваат протестите.
Земјата се бори да го ограничи третиот бран зараза што започна во Сиднеј кон средината на јуни.
Само една третина од Австралијците на возраст од 16 години и повеќе се целосно вакцинирани, покажуваат податоците на сојузното министерство за здравство објавени во саботата.
Бројот на случаи на ковид-19 во Австралија е сè уште релативно низок во споредба со другите земји, нешто повеќе од 43.000 случаи и 978 смртни случаи се поврзани со ковид-19.






