среда, 6 мај 2026

Голема анализа откри колку се ефективни маските, миењето раце и дистанцата

Објавено на

часот

Сподели

Според мета-анализата на 72 студии спроведени од научници од Универзитетот Монаш во Австралија, носењето маски го намалува преносот на вируси за 53%.

Во истиот труд, објавен во престижниот Бритиш медикал џурнал (БМЏ), анализирана е ефикасноста на други нефармаколошки мерки – миење раце и одржување на физичка дистанца.

Анализата покажа дека миењето раце, исто така, ја намалува инциденцата на ковид-19 за 53%, но овој резултат не ја носи истата статистички значајна тежина бидејќи само мал број достапни студии за оваа мерка биле вклучени во анализата.

Според истата анализа, физичкото дистанцирање ја намалува инциденцата за околу 25%.

„Веројатно е дека понатамошната контрола на пандемијата на ковид-19 зависи не само од високата покриеност со вакцинација и нејзината ефикасност, туку и од континуираното придржување до ефективни и одржливи мерки за јавно здравје“, пишуваат Стела Талик и нејзините колеги во БМЏ.

„Поради хетерогеноста на студиите, не можеше да се направи мета-анализа за ефективноста на карантинот и изолацијата, универзалната блокада и затворањето на границите, училиштата и работните места“, посочуваат авторите.

Во воведот на трудот тие пишуваат дека глобално програмите за вакцинација се покажале како безбедни и ефективни и дека спасуваат животи, но не и како целосна заштита од ширење на вирусот.

„Повеќето вакцини не обезбедуваат 100% заштита и не е познато како ќе спречат идно пренесување на САРС-Ков-2 со оглед на новите варијанти. Процентот на населението што мора да се вакцинира против ковид-19 за да се постигне колективен имунитет во голема мера зависи од сегашните и идните варијанти. Овој праг на вакцинација варира во зависност од земјата и одговорот на популацијата, типовите вакцини, приоритетните групи за вакцинација и мутациите на вирусот, меѓу другите фактори.

Сè додека не се постигне колективен имунитет на ковид-19, и покрај високите стапки на вакцинација, стратегиите за превенција на јавното здравје најверојатно ќе останат како мерки за прв избор во превенција од болести, особено на места со ниски нивоа на вакцинација. Мерките како што се затворање (локална и национална варијанта), физичко растојание, задолжителна употреба на маски за лице и хигиена на рацете се спроведуваат како примарни превентивни стратегии во борбата против пандемијата ковид-19.

Јавно здравствените (или нефармаколошки) интервенции се покажаа како корисни во борбата против респираторните инфекции кои се пренесуваат со контакт, капки и аеросоли. Имајќи предвид дека САРС-КоВ-2 е многу заразен, предизвикот е да се одреди кои мерки би можеле да бидат поефикасни и поодржливи за понатамошна превенција.

Значајни придобивки во намалувањето на смртноста се пријавени во земји со универзална блокада, како што се Австралија, Нов Зеланд, Сингапур и Кина. Сепак, универзалната блокада не е одржлива, па затоа е неопходно да се разгледаат поприлагодени интервенции, оние кои овозможуваат социјален живот и ги одржуваат економиите функционални, а истовремено ги штитат високоризичните индивидуи“, пишуваат авторите.

Важноста на маските како мерка што треба да остане на сила и покрај вакцинацијата е поддржана и од студијата објавена од Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).

Со други зборови, дури и вакцинираните лица треба да продолжат да се придржуваат до нефармаколошките епидемиолошки мерки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ