понеделник, 11 мај 2026

Германски министер: Путиновите изјави за крај на војната би можеле да бидат само измама

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денес за време на посетата на Киев предупреди дека изјавите на рускиот претседател Владимир Путин за евентуален крај на војната во Украина би можеле да бидат само уште една измама. Писториус верува дека Путин се обидува да го одвлече вниманието од сопствените слабости, пишува Украинска правда.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Тој во моментов не може да покаже речиси никакви територијални добивки, а неговата војска продолжува да губи делови од територијата што ја заземала. Затоа, со оглед на тоа што Путин продолжува да ја лаже и манипулира јавноста, наша должност е како партнер на Украина дополнително воено да ја зајакнеме“, рече Писториус на брифинг со својот украински колега Михаил Федоров.

Германскиот министер за одбрана нагласи дека Путин, „ако навистина сака да ја заврши војната против Украина, може едноставно да го стори тоа со повлекување на своите сили“ или со предлагање конкретни преговори без никакви предуслови.

„Се надевам дека грешам што го гледам ова како уште еден обид за измама, но не може да се исклучи и се чини дека е дел од неговата хибридна војна“, додаде тој.

Писториус потсети дека Путин постојано ги прекршувал договорите за време на претходните преговори. „Секој пат кога имало прекин на огнот или мировни преговори, тој на крајот дејствувал со лоша намера или на начин што бил сосема различен од она што било договорено или наведено за време на преговорите“, рече тој.

Путин на 9 мај изјави дека верува оти војната во Украина се ближи до крајот, но дека западните земји не сакаат да го признаат тоа поради нивната постојана политика на конфронтација. Неговиот помошник Јуриј Ушаков исто така потврди дека Путин е подготвен да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, но само во Москва.

Путин исто така предложи поранешниот германски канцелар Герхард Шредер да дејствува како посредник во обид повторно да ја вклучи европската страна во преговорите за завршување на војната, што Украина го одби. А Берлин ја отфрли идејата Шредер да биде преговарач на ЕУ со Русија, оценувајќи го предлогот како обид за сеење раздор во Европа и меѓу германските политичари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ