Шест месеци пред претседателските избори во Франција, одлуката за изградба на шест нуклеарни реактори е забрзана со енергетската криза во Европа, како и зголемените цени на енергентите кои сè повеќе влијаат на животниот стандард на граѓаните, додава весникот.
Портпаролот на кабинетот на францускиот претседател одби да го коментира извештајот.
На почетокот на својот мандат, Макрон вети дека до 2035 година ќе го намали учеството на нуклеарната енергија во француската енергетска мешавина од сегашните 75 на 50 проценти. Но, актуелната енергетска криза ги промени приоритетите на Париз.
„Енергетската криза покажува дека имаме право да избереме нуклеарна енергија како дел од транзицијата кон зелена енергија“, изјави неименуван висок владин претставник за Фигаро.
Претходно, француската влада тврдеше дека нема да започне нови проекти за изградба на ЕПР реактори се додека не биде завршена нуклеарката во изградба во Фламанвил на северозападот на земјата, која ја користи новата технологија. Завршувањето на проектот Фламанвил доцни скоро десет години, а конечниот трошок може да биде пет пати поголем од планираниот.
Сè уште не е познато кога реакторот би можел да биде оперативен, но медиумите велат дека тоа сигурно нема да биде пред крајот на 2022 година.
ЕПР е технологија развиена од француските компании Фраматом и ЕДФ, и во моментов постојат само два оперативни ЕПР нуклеарни реактори во светот, и двата во кинескиот Таишан, кои започнаа со комерцијална употреба во декември 2018 година, односно во септември 2019.






