Според официјалниот весник на земјата, сменети се гувернерите Семих Туменанд и Угур Намик Кучук, заедно со друг член на МПЦ Абдула Јавас, а Ердоган го назначи Таху Чакмак за заменик гувернер на Централна банка и Јусуф Тун за член на МПЦ.
По објавувањето, лирата падна на рекордно ниско ниво од 9,1900 во однос на доларот, што е загуба од 1 отсто тој ден, а досега ослабе за околу 19 отсто во текот на оваа година.
До промена на членовите на МПЦ дојде откако претседателството во средата вечер објави дека Ердоган се сретнал со гувернерот на Централната банка Сахап Кавџиоглу.
Минатиот месец, централната банка ја намали референтната каматна стапка на 18 проценти од 19 проценти и покрај годишната инфлација од речиси 20 проценти, потег што аналитичарите го сметаат за последен доказ за политичкото мешање на Ердоган, кој самиот се опишува како непријател на каматните стапки.
Минатата недела, три извори запознаени со оваа тема, изјавија за Ројтерс дека Ердоган ја загубил довербата во Кавџиоглу, помалку од седум месеци откако го отпушти неговиот претходник, и дека двајцата имале послаба комуникација во последните недели.
Ердоган во изминатите години направи низа промени во Централната банка, а агенцијата наведува дека отпуштил тројца гувернери во последните две и пол години поради политички несогласувања, што негативно влијаеше врз лирата и сериозно го наруши кредибилитетот и предвидливоста на турската монетарна политика.






