Европската унија веќе потпиша договор за купување до 200 милиони дози од вакцината.
Новавакс користи поконвенционална технологија од другите вакцини и се очекува да биде особено корисна во земјите во развој. Новавакс и Институтот Серум, најголемиот производител на вакцини во светот, се обврзаа дека ќе достават 1,1 милијарда дози на Ковавакс, чија цел е да обезбеди еднаков пристап до вакцините меѓу богатите и сиромашните земји.
Протеинската вакцина на Новавакс покажала ефикасност од 90,4 отсто во клиничките испитувања спроведени на околу 30.000 испитаници во САД и Мексико.
Новавакс користи технологија слична на вакцините против хепатитис Б и пертусис, кои не треба да се чуваат на екстремно ниски температури. Ова може да ѝ даде логистичка предност, особено во регионите со помалку развиена инфраструктура.
Вакцината се заснова на генетски инженеринг за одгледување безопасни копии на протеинот на шилецот кој се наоѓа на вирусот ковид-19 и со помош на кој тој продира во клетките. Шилецот потоа се прочистува и се меша со хемикалија која го зајакнува имунолошкиот систем.
Досега, вакцините одобрени во ЕУ користат понова технологија. Астра зенека и Џонсон&Џонсон го користат вирусот на настинка за пренос на податоци, а Бионтек-Фајзер и Модерна иРНА технологијата.
Светската здравствена организација (СЗО) минатата недела ја одобри вакцината, која ја произведува американската компанија Новавакс и индискиот Институт Серум, за итна употреба.






