Патриша Маркиз, една од раководителките на синдикатот на Кралскиот колеџ за медицински сестри, рече дека ситуацијата за следните неколку недели изгледа „многу мрачна“ бидејќи болниците се погодени од зголемен број отсуства поради боледување и самоизолација.
„Медицинските сестри на многу места веќе се под огромен стрес и притисок и се разболуваат од ковид, но и од ментална и физичка исцрпеност. Сите се прашуваме, „О боже, што друго нè чека?“, рече Маркиз, пренесува АП.
Премиерот Борис Џонсон повеќе пати вети дека нема да се повтори минатогодишниот Божиќ, кога расположението беше нарушено поради карантинот, но сега се соочува со тежок избор – да ги отежне празниците за милиони луѓе или да се соочи со уште еден голем бран на зараза.
Претходно овој месец, владата на Џонсон повторно воведе задолжително носење маски за лице во продавниците, одредувајќи дека при влез во ноќни клубови или други објекти каде што има повеќе луѓе треба да се покаже потврда за вакцинација или негативен тест. Но, многу научници веруваат дека се потребни построги мерки.
Поради брзото ширење на омикрон, многу места во Британија се празни или се затвораат. Некои ресторани и кафулиња ги затворија вратите бидејќи премногу вработени се на боледување или во самоизолација. Природонаучниот музеј во Лондон денеска соопшти дека е затворен една недела поради „недостиг на персонал“.
Бројот на потврдени случаи на инфекција со ковид-19 во Обединетото Кралство се зголеми за 50 отсто за една недела. Властите вчера пријавија 82.886 нови инфекции со ковид. Бројот на хоспитализации расте многу побавно, но лекарските здруженија предупредуваат дека болниците во Лондон, кој е најтешко погоден од бранот на омикрон, веќе се под притисок.
Британската медицинска асоцијација предупреди дека до Божиќ речиси 50.000 лекари, медицински сестри и друг персонал би можел да се зарази со ковид, доколку не се воведат дополнителни мерки.






