„Видете, навистина е едноставно. Имаме пандемија меѓу оние кои не се вакцинираа. Тоа е основата, едноставно е“, кажа Бајден во Охајо.
„Десет илјади луѓе неодамна починаа. Меѓу нив 9.950 не беа вакцинирани“, кажа тој.
Бајден одговараше на прашања на демократите и републиканците за економијата, криминалот и инфраструктурата и во Синсинати, каде Доналд Трамп победи со голема разлика. Целата публика била вакцинирана, истакнува Си-ен-ен.
Сè поголемите броеви на заразени со коронавирусот низ САД и странство поттикнаа страв од повторна пандемија и ги разнишаа берзите бидејќи се чини дека делта сојот сè повеќе се шири.
Има многу заразени во САД во деловите од земјата каде вакцинирањето против ковид заостанува. Напорите на Белата куќа да се спроведе вакцинирањето наидуваат на бранови дезинформации и скептицизам.
Бајден изрази оптимизам дека американската Управа за храна и лекови (ФДА) би можела да одобри нови вакцини за деца помлади од 12 години на крајот на август, порано од предвиденото.
„Очекувам да разговарам со групата научници која ја формиравме. Можеби на почетокот на школската година, на крајот на август, почетокот на септември, или во октомври, ќе добијат конечно одобрување“, кажа Бајден.
Тој додаде и дека Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) веројатно ќе објави насоки поттикнувајќи ги децата кои не се вакцинирани против коронавирусот да носат маски во школите.






