Тој негира дека направил нешто незаконско при купувањето луксузни недвижнини во Франција преку наменски основани компании во т.н. „даночни раеви“.
„Чекав да видам што ќе извлечат непосредно пред изборите за да ми нанесат штета и да влијаат врз чешките избори. Овој пат случај стар 12 години. Во него е јасно дека не сум направил ништо лошо против законот, но тоа не ги спречува да се обидат да ме извалкаат и така да влијаат врз чешките избори“, кажа Бабиш за таа афера.
Новинари од 117 земји ги проучувале документите од „даночните раеви“ и почнаа да ги објавуваат ноќеска. Во нив се открива дека сегашниот чешки премиер во 2009 година основал две офшор-компании и преку нив сам на себе си пратил 15 милиони евра за да купи 16 луксузни недвижнини, меѓу кои и мал дворец близу Кан на Азурниот брег во Франција.
Бабиш, кој тогаш уште не бил во политиката, туку бил само еден од чешките тајкуни и сопственик на агрохемискиот концерн Агроферт, подоцна во имотната пријава не ги навел ниту парите, ниту офшор-компаниите.
„Целата шема предизвикува низа прашања и сомневања. Затоа Андреј Бабиш би требало да објасни од каде му се тие 15 милиони евра и зошто нарачал основање на толку комплицирана шема, која практично оневозможува да се влезе во трага на вистинското потекло на парите“, напиша чешкиот портал Инвестигејс.
Премиерот Бабеш во предизборната ТВ-дебата на лидерите на телевизијата Си-ен-ен Прима кажа дека лесно може да докаже дека тоа се оданочени пари, кои отишле од чешката банка и во неа се вратиле.
Лидерите на сите други партии во таа дебата побараа да се истражи оваа афера, во која Бабиш се најде во друштво на околу 330 политичари и јавни личности од целиот свет, кои имотите ги криеле по даночните раеви или комплицирани офшор-трансакции и избегнувале да го платат целиот данок.
„Ниедна нормална трговска трансакција не би изгледала така. Таа шема изгледа како да е од учебник за криминалисти. Во англискиот јазик за тоа постои дури израз – loan back“, рече по повод аферата на Бабиш поранешниот чешки истражувач на финансискиот криминал Камил Коуба.
Бабиш е еден од 300-те државјани на Чешка чие име се појави во Пандорините документи во врска со 178 офшор-компании, а лично досега настапувал со остра критика кон даночните раеви, тврдејќи дека тој во нив не држи пари.
„Немам никакви офшор-компании како вие што ги држите парите во офшор“, кажа тој во 2015 година веќе како министер за финансии, а во 2018 година, кога беа објавени првите меѓународни новинарски истражувања, Бабиш како премиер бараше да се проверат чешките граѓани дали имаат некој имот во даночните раеви.
Бабиш 14 дена, во периодот пред објавувањето на Пандорините документи, одбивал да даде каква било изјава за порталот Инвестигејс. Дури во последен момент минатата недела биле одбиени акредитациите на новинарите на тој портал, но и на некои угледни западни медиуми, француски и германски, па тие не можеле да влезат на конференцијата за новинари на Бабиш и на унгарскиот премиер Виктор Орбан.






