„Ласери: бинг, бинг, ГОТОВО!!!“, пишува над сликата, со која Трамп се осврнува на минатонеделниот инцидент со кој беше прекршено примирјето меѓу Соединетите Американски Држави и Иран.
Американската војска минатата недела извести за инцидент што се случил додека американските разурнувачи УСС Тракстан, УСС Рафаел Пералта и УСС Мејсон минувале низ Ормускиот теснец кон Оманскиот Залив.
„Иранските сили лансираа повеќе проектили, дронови и помали пловила кон американските бродови за време на минувањето по меѓународниот поморски пат. Ниту една американска цел не беше погодена“, се наведува во соопштението.
Американската војска тврди дека потоа ги неутрализирала заканите и извела напади врз ирански воени објекти поврзани со нападите врз американските сили. Според Вашингтон, меѓу погодените цели биле позиции за лансирање проектили и дронови, командни центри, како и системи за разузнавање и надзор.
Трамп тогаш соопшти дека „трите американски разурнувачи многу успешно минале низ Ормускиот теснец под оган“.
„На трите разурнувачи немаше никаква штета, но иранските напаѓачи претрпеа голема штета. Беа целосно уништени, заедно со многубројни мали бродови со кои се обидуваат да ја надоместат својата целосно десеткувана морнарица. Тие бродови беа брзо и ефикасно потопени“, наведе тој.
„Кон нашите разурнувачи беа испукани ракети, но лесно беа соборени. Исто така, се појавија дронови што беа изгорени уште во воздух. Прекрасно паѓаа во океанот, како пеперутка што паѓа во својот гроб! Нормална држава би им дозволила на тие разурнувачи да поминат, но Иран не е нормална држава. Го водат ЛУДИ ЛУЃЕ и, кога би имале можност да употребат нуклеарно оружје, би го сториле тоа без никакво двоумење“, нагласи Трамп.






