„Да не ги испратев војниците во Лос Анџелес, тој некогаш прекрасен и голем град ќе гореше до темел токму сега, слично како што 25.000 домови изгореа до темел во Лос Анџелес поради неспособните гувернер и градоначалник“, порача Трамп на мрежата Трут соушал, алудирајќи на масовното уништување предизвикано од пожарите низ Лос Анџелес во јануари.
Трамп распореди околу 4.000 припадници на Националната гарда на САД и 700 маринци во Лос Анџелес и покрај противењата на гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, и градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, кои предупредија дека овој потег само ќе ја влоши веќе кревката ситуација.
Њусом вчера објави дека најбројната федерална држава во САД ја тужи администрацијата на Трамп поради постапката на претседателот, за која кажа дека го загрозува суверенитетот на државата. „Нелегалната наредба што ја потпиша може да му дозволи да ја испрати војската во која било земја што ја сака“, рече Њусом на социјалната мрежа Икс.
„Секој гувернер, црвен или син, треба да го отфрли ова скандалозно прекорачување… Ова е несомнено чекор кон авторитаризам што ги загрозува темелите на нашата република. Не можеме да дозволиме тоа да продолжи“, оцени Њусом.
Протестите избувнаа во петокот откако агенти на Службата за имиграција и царина (ИЦЕ) извршија рации во локалните бизниси и приведоа стотици луѓе осомничени дека се наоѓаат нелегално во САД. Администрацијата на Трамп продолжи да спроведува рации и покрај противењето на заедницата.