понеделник, 11 мај 2026

Српски министер: Нема никаква причина ЕУ уште летово да не нѐ вклучи во Шенген

Министерот за надворешни работи на Србија Марко Ѓуриќ денеска во Брисел изјави дека клучната порака на Србија на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на Европската Унија и Западен Балкан, во пресрет на состанокот на Советот за надворешни работи, била Европа да го забрза процесот на интеграции и што поскоро да го отвори шенгенскиот простор за регионот на Балканот, пренесува Анадолу.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Фрустрирачки е што имаме тврди граници на секои 150 до 200 километри, кои буквално го прекинуваат крвотокот и животот на луѓето, семејствата, но и економијата, туризмот и сè друго. Нема ниту една причина Европа уште ова лето да не овозможи отклучување на целосниот потенцијал од вклучувањето на нашиот регион во Шенген“, им рече Ѓуриќ на новинарите во Брисел.

Според него, отворањето на целосниот потенцијал на Шенген во регионот директно би довело до 50 милијарди евра нова економска активност, а притоа не би ја намалило безбедноста на Европската Унија и целиот континент.

„Напротив, тоа би ги намалило тензиите во нашиот регион и би било многу корисно, како и брзото вклучување на нашиот регион во заедничкиот економски простор“, рече Ѓуриќ.

Тој истакна дека пораката на Србија била и дека брзите промени во светот налагаат Унијата без одлагање да ги прими во своите редови државите што сè уште не се членки.

Ѓуриќ оцени дека Европа денес, соочена со поширок спектар предизвици, навистина работи на забрзување на процесот на проширување на Европската Унија и нагласи дека Србија сака што побрзо отворање на шенгенскиот простор за сите земји од регионот.

„Се надевам дека нашиот процес на европски интеграции ќе продолжи да напредува, без оглед на сите идеолошки, а понекогаш и политички мотивирани притисоци на кои нашата земја неретко е изложена од одделни центри“, рече Ѓуриќ.

Говорејќи за темите на состанокот, тој оцени дека „мораме да се приспособиме на глобалните околности“, кои, како што рече, се без преседан.

„Зборував за тоа дека немало генерација што истовремено се соочила со подемот на вештачката интелигенција, што е еквивалент на нова индустриска револуција, и со подемот на социјалните мрежи, што е еквивалент на изумот на печатарската машина на Гутенберг. Во исто време имаме целосен прекин или промена на глобалниот геополитички поредок“, рече Ѓуриќ.

Тој нагласи дека Србија се издвојува меѓу државите што сè уште не се членки на Европската Унија според економските, демографските и геополитичките карактеристики, како земја што има 53 проценти од регионалната економија и како држава што најбрзо економски расте во последните повеќе од десет години.

Тој додаде дека на состанокот зборувал и за состојбата во Босна и Херцеговина, каде што, како што рече, настојувал на пристоен начин да го заштити српскиот интерес од оние што сакаат да ја прикажат Република Српска како единствен или главен виновник за тешките внатрешни односи во БиХ.

„Србија секогаш била на страната на стабилноста, секогаш била и останала на страната на Дејтонскиот договор, но Србија цврсто стои на ставот дека народите во Босна и Херцеговина треба да бидат тие што ќе ја одредуваат судбината на оваа држава, а не кој било однадвор“, порача тој.

Нагласи дека странската помош секогаш е добредојдена, но дека клучната работа мора да ја завршат политичките актери во БиХ.

„Повторувам, Србија во последните три децении покажа колку придонесува за нормализација на односите, спречувајќи работите да излезат од контрола, барем кога станува збор за она врз што можеме да влијаеме“, рече Ѓуриќ.

Тој додаде дека за време на состанокот се разговарало и за други отворени прашања во регионот, како и за дијалогот меѓу Белград и Приштина, истакнувајќи дека Заедницата на српски општини не е формирана повеќе од една деценија, иако тоа било обврска договорена и потпишана во Брисел.

„И самиот бев сведок на тоа на 19 април 2013 година. Претставниците на Приштина се обидоа да ја обвинат Србија за различни регионални проблеми и да ја прикажат како извор на нестабилност во нашиот регион“, рече Ѓуриќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ