среда, 16 јули 2025

Скандал во Грција, се истражува како се трошеле парите на ЕУ за земјоделството

Веќе една недела грчката јавност ја тресе голем скандал поврзан со незаконски субвенции од фондовите на Европската Унија. Поради обвинувањата од Брисел се поднесени првите оставки, а премиерот Киријакос Мицотакис се најде под сериозен политички притисок.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во текот на викендот, Мицотакис им се обрати на граѓаните преку Фејсбук и порача: „Не успеавме“. Тој вети решителна борба против корупцијата – вклучително и функционерите од неговата партија, Нова демократија.

Фиктивни плантажи и лажни стада

Во центарот на скандалот е грчката агенција ОПЕКЕПЕ, задолжена за распределба на земјоделски субвенции, која, според истрагата на Европското јавно обвинителство (ЕППО), исплатила стотици милиони евра за лажни земјоделски проекти – како што се плантажи со банани на Олимп или фиктивни стада овци и кози на Крит.

Скандалот наводно вклучува и двајца поранешни министри за земјоделство во владата на Мицотакис: Макис Воридис и Лефтерис Авгенакис. Воридис, кој моментално е министер за миграција, поднесе оставка во петокот, 27 јуни, велејќи дека сака да „се посвети на одбраната на својата невиност“. Три државни секретари, исто така, ги напуштија своите позиции.

Обвинувањата беа игнорирани со месеци

Иако предупредувања за злоупотреби доаѓаа уште во мај, а Европската комисија ја казни Грција со 415 милиони евра кон средината на јуни, владата не реагираше сè до неодамнешното поднесување докази до грчкиот парламент. Според грчкиот закон, само парламентот има право да истражува и да ги гони сегашните или поранешните членови на владата.

Досието на ЕППО, кое вклучува околу 3.000 страници, опишува постоење на „криминална организација“ во рамките на државната администрација, вклучувајќи пратеници, локални политичари и поранешни функционери на ОПЕКЕПЕ. Се споменуваат дури 15 пратеници – претежно од Нова демократија.

Дијалози како од мафијашки филмови

И покрај забраната за објавување на содржината на досието, грчките медиуми пренесоа транскрипти кои потсетуваат на сцени од мафијашки филмови. Тие наводно дискутираат за начинот на кој министерот за правда би можел да влијае врз текот на истрагата.

Иако официјално не ја потврди автентичноста на дијалозите, Мицотакис не ги ни негираше. Тој кажа дека секој што неправедно добил пари од фондовите на ЕУ ќе биде принуден да ги врати. Тој исто така објави дека агенцијата ОПЕКЕПЕ ќе биде укината до крајот на годината.

Намалување на довербата во Мицотакис

Иако Мицотакис продолжува да се претставува како реформатор кој се бори против корупцијата, низата афери- од прислушувањата и бродоломи кај Пилос до железничката несреќа кај Темпи – го нарушија неговиот кредибилитет. Повеќе од 70 отсто од граѓаните во анкетите веруваат дека владата се обидува да го прикрие обемот на скандалот.

Исто така, загрижува тоа што иницијативата за разјаснување на овие работи доаѓа повеќе од европските институции отколку од самата грчка влада.

Нов министер со радикални ставови

Во обид да ја стабилизира владата, Мицотакис го отстрани Воридис и го замени со Танос Плеврис, уште еден конзервативец од Нова демократија познат по своите екстремни ставови за миграцијата.

Уште во 2011 година, Плеврис тврдеше дека „граничната безбедност бара мртви“ и дека мигрантите не треба да добиваат храна, сместување или медицинска нега, за да може Грција да ги одврати од доаѓањето. Иако помина повеќе од една деценија од тогаш, Плеврис никогаш јавно не се откажа од тие ставови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ