четврток, 16 април 2026

Шефот на Агенцијата за енергија: Европа има авионско гориво за уште само шест недели

На Европа ѝ останува гориво за авиони „можеби за уште шест недели“, предупреди денес шефот на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) Фатих Бирол, наведувајќи дека летовите наскоро би можеле да бидат откажани ако снабдувањето со нафта остане блокирано поради војната во Иран.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во опширно интервју, Бирол претстави мрачна слика за глобалните последици од она што го нарече „најголемата енергетска криза со која некогаш сме се соочиле“, која произлезе од прекинот на протокот на нафта, гас и други клучни резерви преку Ормускиот теснец, пишува Асошиејтед прес.

„Ние сме сега во тешка положба, а ова ќе има огромни последици за глобалната економија. Колку подолго трае, толку полошо ќе биде за економскиот раст и инфлацијата низ целиот свет“, кажа Бирол од својата канцеларија во Париз. Според него, последиците ќе бидат „повисоки цени на горивото, гасот и електричната енергија“.

Економските последици нема да бидат рамномерно распределени. „Земјите чии гласови се слушаат најмногу нема да страдаат најмногу, туку главно земјите во развој – посиромашните земји од Азија, Африка и Јужна Америка“, кажа турскиот економист и експерт за енергија, кој ја води ИЕА од 2015 година.

Но, како што додаде, без решение за војната во Иран што трајно би го отворило Ормускиот теснец, „сите ќе страдаат“. „Некои земји може да бидат побогати од други, некои имаат повеќе енергетски ресурси, но ниедна земја не е имуна на оваа криза“, истакна тој.

Тој предупреди дека без повторно отворање на водниот пат некои нафтени производи би можеле целосно да исчезнат. „Можам да ви кажам дека во Европа наскоро ќе слушнеме вести за откажување на летови меѓу одредени градови поради недостигот од гориво за авиони“, кажа тој.

Бирол се спротивставува на системот за наплата кој Иран го воведе за некои бродови, дозволувајќи им да минуваат низ теснецот за одредена такса. Тој предупреди дека трајното воведување на таква практика би поставило преседан кој би можел да се примени на други клучни водни патишта, како што е стратегиски важниот Малачки теснец во Азија.

„Ако тоа го промениме еднаш, можеби нема да има враќање на стариот начин. Тешко е да се има систем за наплата на едно место, но не и на друго“, објасни тој. „Сакам нафтата да тече безусловно“.

Бирол изјави дека повеќе од 110 танкери за нафта и повеќе од 15 бродови со течен природен гас чекаат во Персискиот Залив. Нивното поминување низ Ормускиот теснец би ја ублажило кризата, „но тоа не е доволно“, додаде тој. Дури и со мировен договор, ќе поминат месеци пред производството да се врати на нивоата пред војната поради оштетување на енергетските објекти.

„Повеќе од 80 клучни објекти беа оштетени во регионот, од кои повеќе од една третина беа сериозно или многу сериозно оштетени“, кажа тој. „Би било исклучително оптимистички да се верува дека закрепнувањето ќе биде брзо. Ќе ни треба постепено закрепнување, кое може да потрае и до две години за да се вратиме во состојбата пред војната“, заклучи Бирол.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ