вторник, 18 ноември 2025

Шефицата на британската дипломатија: Западен Балкан се соочува со руски настојувања да ги заживее етничките тензии

Британската министерка за надворешни работи Ивет Купер изјави дека заштитата на безбедноста и стабилноста на Западен Балкан е во општ интерес и дека сите мора да бидат свесни за обемот на заканите со кои се соочува регионот, од „руските напори за оживување на етничките тензии, до злобните банди шверцери на луѓе кои тргуваат со човечки животи“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Британски Форин офис денес објави дека Купер ќе го стави во центарот на состанокот на дипломатите од Западен Балкан, кој се одржува во замокот Хилсборо во близина на Белфаст, зачувувањето на безбедноста и стабилноста на Западен Балкан, јакнењето на економскиот раст и трговијата и зајакнатата соработка во борбата против организираниот шверц на мигранти.

На состанокот учествуваат и министри или високи функционери од Германија, Франција, Италија, Австрија, Словенија, Грција, Бугарија и други, покрај шефовите на дипломатиите на шесторката од Западен Балкан.

Дводневната министерска средба, која се одржува како дел од Берлинскиот процес, а која треба да го подготви самитот на лидерите од Западен Балкан во Лондон на 22 октомври, започна синоќа со прием кој го организираше британската министерка Купер.

На состанокот британската министерка ќе објави нов проект вреден четири милиони фунти за зајакнување на сајбер отпорноста во регионот и ќе сподели искуства во борбата против дезинформациите и другите злонамерни активности на непријателски актери, соопшти Форин офисот.

Пред состанокот таа ќе објави и инвестиција од десет милиони фунти во иновативни програми насочени кон борба против шверцот со луѓе во Западен Балкан и во други клучни региони каде што меѓународната соработка во областа на нелегалната миграција е од витално значење, се наведува во соопштението.

Парите, како што се наведува, ќе бидат инвестирани во нови проекти во Западен Балкан, вклучувајќи обука на полициските сили на Косово, зајакнувањето на граничната безбедност и помошта на потенцијалните жртви на трговија со луѓе во Србија, додава Форин офисот.

„Меѓународната соработка е клучна за поттикнување на нашиот економски раст, заштитата на нашата национална безбедност и обезбедувањето на нашите граници. Партнерствата што ги воспоставуваме во странство нè прават посилни тука дома“, кажа Купер.

Таа додаде дека особено поддршката на Западен Балкан во борбата против шверцот со луѓе „директно влијае на логистиката и профитот на организираните шверцерски банди и ја намалува заканата што тие ја претставуваат за Обединетото Кралство“.

Состанокот симболично се одржува во замокот Хилсборо, каде што во 1998 година владите на Обединетото Кралство и Република Ирска го потпишаа Договорот од Велики петок, или Договорот од Белфаст, со кој во голема мера се стави крај на конфликтот во Северна Ирска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ