вторник, 26 мај 2026

САД пак го нападнаа Иран и покрај примирјето, Техеран се закани со многу пожесток одговор

Американската војска изврши нови напади врз цели во јужен Иран и покрај важечкото примирје меѓу двете земји, додека Техеран возврати со остри закани дека секоја нова агресија ќе предизвика многу посилен одговор што би можел да се прошири и надвор од Блискиот Исток.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Централната команда на американската војска (ЦЕНТКОМ) соопшти дека нападите биле изведени како „самоодбрана“, заради заштита на американските сили од, како што наведува, закани од иранските сили.

Според американската страна, цел на нападите биле локации за лансирање ракети, како и пловила на Иранската револуционерна гарда што наводно се обидувале да постават мини во Ормускиот теснец — еден од најважните светски поморски коридори за транспорт на нафта и течен природен гас.

Американски функционер изјавил за Фокс њуз дека нападите не биле обид за уништување на примирјето, туку исклучиво одбранбена акција, откако американската војска забележала два брода на иранската Револуционерна гарда како поставуваат мини, а една иранска противвоздушна позиција отворила оган врз американски авиони.

„Американската војска продолжува да ги брани своите сили со воздржаност за време на тековното примирје“, соопшти ЦЕНТКОМ.

Експлозии во текот на ноќта биле пријавени во близина на стратегиски важниот пристаништен град Бандар Абас, каде што се наоѓа клучна иранска поморска и воздушна база. Иранските медиуми објавија дека бил активиран противвоздушниот систем, а полуофицијалната агенција Фарс јави дека слични експлозии биле слушнати и во Персискиот Залив кај Сирик и Јаск.

Иран засега нема објавено официјално соопштение за американските напади, но реакциите од Техеран беа брзи и заканувачки.

Портпаролот на иранските вооружени сили Аболфазл Шекарчи предупреди дека секој нов напад врз Иран ќе наиде на „значително пожесток“ одговор.

„Во случај на нов американски напад, иранските напади ќе бидат потешки и посилни од претходните и ќе се прошират надвор од границите на регионот“, порача Шекарчи, според агенцијата Фарс.

Ирански извор изјавил за Ал џезира дека во американскиот напад имало жртви и дека биле убиени неколку припадници на морнарицата на Иранската револуционерна гарда, иако ова засега не е официјално потврдено.

Државните ирански медиуми жестоко го осудија американскиот потег. Државната телевизија ИРИБ го нарече лицемерно американското повикување на „самоодбрана“, додека државната агенција ИРНА оцени дека „војната сè уште не е завршена“.

„Иран од целосната и нерамноправна војна излезе силен и отпорен, но зацврстувањето на таа победа и конечниот успех ќе се одвиваат не само на теренот, туку и во преговарачките простории и во управувањето со домашната економија“, напиша ИРНА.

Новите напади доаѓаат во чувствителен момент, кога Вашингтон и Техеран паралелно водат преговори за можен договор за прекин на конфликтот.

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека преговорите доцнат поради несогласувања околу формулациите, но нагласи дека Ормускиот теснец мора повторно да биде отворен.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп порача дека иранскиот збогатен ураниум мора да биде уништен — или во САД, или на друга прифатлива локација под меѓународен надзор.

Нападите дополнително ја зголемија неизвесноста околу можниот мировен договор, а пазарите внимателно ја следат ситуацијата. Цената на нафтата, која претходно нагло падна по сигналите за напредок во преговорите, повторно почна да расте.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ