Според британскиот весник, Обединетото Кралство, Франција, Шпанија, Италија и Канада се спротивставиле на предлогот за време на разговорите за зајакнување на поддршката за Киев пред претстојниот самит на НАТО во Анкара.
Руте оваа недела призна дека неговиот предлог нема да биде усвоен поради недоволна поддршка, но не ги именуваше земјите што се спротивставиле.
Извор од НАТО за Телеграф рекол дека најмалку седум членки, кои веќе издвојуваат повеќе од 0,25 отсто од БДП за воена помош за Украина, го поддржале планот. Но, бидејќи за одлуките на НАТО е потребен консензус, противењето на неколку држави било доволно иницијативата да пропадне.
„Не се баш воодушевени од таа идеја“, рекол изворот, мислејќи на Лондон, Париз, Мадрид, Рим и Отава.
Овој развој на настаните претставува удар и за имиџот на Обединетото Кралство како еден од најсилните поддржувачи на Украина.
Британската влада деновиве се најде под критики откако привремено ги ублажи санкциите поврзани со извозот на руска нафта и гас, дозволувајќи ограничени исклучоци за купување авионско гориво и дизел произведени во трети земји од руска сурова нафта.
Иако британската воена помош за Украина е трета по големина, по САД и Германија, таа сепак е под предложеното ниво — премиерот Кир Стармер вети најмалку три милијарди фунти годишно, што е околу 0,1 отсто од БДП.
Поголем дел од критиките, сепак, се насочени кон Франција, Шпанија, Италија и Канада, кои со години се обвинувани дека не придонесуваат доволно во споредба со други сојузници.
Според податоците на Институтот Кил, Холандија, Полска, како и нордиските и балтичките земји, веќе издвојуваат 0,25 отсто од БДП или повеќе.
Руте повеќепати предупредуваше дека поддршката за Украина не е рамномерно распределена во рамките на Алијансата.
„Многумина не трошат доволно кога станува збор за поддршката за Украина“, изјави тој.
Поранешниот холандски премиер долго се залага Европа да преземе поголем дел од товарот, особено по критиките на американскиот претседател Доналд Трамп дека европските сојузници премногу се потпираат на Вашингтон.
Администрацијата на Трамп во меѓувреме ја стопираше големата директна помош за Украина и наместо тоа се насочи кон продажба на американско оружје, финансирана од европските сојузници.
Шведскиот премиер Улф Кристершон оваа недела ги повика сојузниците да ја засилат помошта за Киев.
„Навистина би сакал повеќе земји што толку убаво зборуваат за Украина тоа да го поткрепат и со пари“, изјави тој.






