вторник, 26 мај 2026

Екстремен топлински бран ја зафати Европа, урнати многу температурни рекорди

Температурите се и до 12-13 степени над сезонскиот просек, а метеоролозите предупредуваат дека ваквото време ќе продолжи уште неколку дена.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во повеќе од 20 француски града се измерени највисоките мајски температури во историјата, а Обединетото Кралство го урна националниот рекорд за мај, додека екстремен пролетен топлински бран зафати голем дел од западна Европа.

Британската метеоролошка служба Мет офис соопшти дека на аеродромот Хитроу во Лондон се измерени 33,5 Целзиусови степени, што е нов апсолутен рекорд за мај во земјата. Прогнозите покажуваат дека температурите денеска би можеле да достигнат и 35 степени.

Во Франција, Шпанија и Обединетото Кралство се очекува да паднат стотици нови мајски температурни рекорди.

Француската метеоролошка служба Метео Франс ја опиша состојбата како „прерана, исклучителна и долготрајна“ топлинска епизода.

Француските метеоролози објаснуваат дека рекордните температури се последица на топлинска купола — феномен при кој врелиот воздух од Мароко останува заробен под област со висок воздушен притисок.

Според нив, ваквите екстремни настани ќе стануваат „сè почести, сè поинтензивни и сè поуранети“.

Климатологот Робер Вотар изјави за Франс прес дека продолжувањето на сезоната на топлински бранови е целосно во согласност со климатските промени.

„На крајот ќе гледаме слични топлински настани и во април и во октомври“, предупреди тој.

Истражувачките модели веќе покажуваат дека поради климатските промени, топлинските бранови во јуни денес се околу 10 пати поверојатни во Европа отколку во прединдустриската ера, а сличен тренд сега станува видлив и за мај.

Во 31 француски департман денеска е во сила предупредување за високи температури, а осум се под портокалово ниво — второ највисоко предупредување.

Ова е првпат националниот систем за предупредување за горештини во Франција да биде активиран во мај откако е воведен во 2004 година.

Во Париз во неделата беа измерени 32,6 степени, во Бордо 34,2, а во Брив-ла-Гајард на југозападот 35,3 степени — речиси два степени над претходниот мајски рекорд.

Рекорди паднаа и долж атлантскиот брег, вклучувајќи ги Сен Назер, Ноармутје и Брест.

Во предградие на Париз, еден маж починал за време на трка на 10 километри, најверојатно од срцев удар, соопшти цивилната заштита. Уште 10 натпреварувачи биле пренесени во болница во критична состојба.

Во Шпанија топлинскиот бран ќе продолжи цела недела, а температурите во некои јужни делови веќе достигнаа 38 степени.

Фото: ЕПА

Рубен дел Кампо од шпанската државна метеоролошка служба Аемет предупреди дека в четврток и петок може да биде уште потопло.

„Во поголем дел од земјата се очекуваат најмалку 34 степени, а во долините на реките Гвадијана, Гвадалкивир и Ебро температурите може да достигнат 36 до 38 степени, па и 40 степени во некои подрачја“, рече тој.

Тој додаде дека поголем дел од Шпанија ќе има и таканаречени „тропски ноќи“, кога температурата не паѓа под 20 степени.

Делови од Обединетото Кралство би можеле и официјално да влезат во топлински бран, што значи температури над 26 до 28 степени три последователни дена, зависно од регионот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ