петок, 7 ноември 2025

Како Западен Балкан може да придонесе на европската одбрана

Нема да биде изненадување ако овој месец меѓународните медиуми и аналитичарите молчат за годишнината од Дејтонскиот мировен договор, кој пред триесет години го оконча крвопролевањето во Босна и Херцеговина и повторно ја воспостави таа држава. Како и подоцнежната интервенција на НАТО во Косово, Дејтон денес изгледа како дамнешна историја, сеќавање на златните денови на американската доминација. Западен Балкан, некогаш корисник на надворешна поддршка, сега сè повеќе се смета за потенцијален извор на стабилност. Додека шесте земји од регионот чекаат во ред пред вратата на Европската Унија, тие сè повеќе зборуваат за својот придонес кон европската безбедност и одбрана, пишуваат Димитар Бечев и Илиријана Ѓони за Фондацијата Карнеги.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Поради руската инвазија на Украина во 2022 година, колективната одбрана стана приоритет за Европа. Но, повеќе од три години по почетокот на војната, главното прашање е како локалните актери можат да придонесат во заедничките напори за зауздување на Русија на источниот дел од НАТО и ЕУ, зајакнување на отпорноста на хибридни закани и преземање одговорност за мировните мисии поблиску до дома.

Како и соседна Црна Гора, Албанија придонесува во борбените групи на НАТО во Латвија и Бугарија, распоредувајќи околу 500 војници во мисиите на НАТО – и ЕУ – во секое време. Се прават напори за привлекување странски инвестиции во домашната одбранбена индустрија, модернизирање на војската, зголемување на соработката со другите сојузници – и покрај повремените тензии – и развој на технологиите за вештачка интелигенција. Тирана планира и да го прошири својот логистички капацитет со двојна намена и да изгради нови објекти за складирање и обука за подобра поддршка на мисиите на НАТО. Во Република Македонија полигонот Криволак е едно од главните места за обука во рамки на алијансата – беше домаќин на голема воена вежба ова лето.

Дури и Србија, близок сојузник на Москва, ја користи предноста на будењето на Европа кога станува збор за одбраната. Минатиот мај, руската служба за надворешно разузнавање го обвини Белград дека го снабдува Киев со муниција преку посредници. Иако Белград негира дека постоеле такви договори, сепак имплицитно си ја зема заслугата за помагање на Украина.

Западен Балкан е дом на околу 200 компании од одбранбениот сектор, кои главно се наоѓаат во Србија и Босна. Тие имаат капацитет да произведуваат муниција компатибилна и со стандардите на НАТО и со спецификациите на поранешниот Варшавски пакт – можеби дури и поефикасно од поединечните компании во рамките на Европската Унија. На пример, заедничкото вложување од 1 милијарда евра (1,2 милијарди долари) помеѓу бугарската ВМЗ и германската Рајнметал има годишна цел за производство на муниција што е само една петтина од проценетиот производствен капацитет на Босна. Ова би можело значително да ја поддржи понудата на Украина од ЕУ. Сепак, индустрискиот потенцијал честопати е попречен од политичката парализа и фрагментираното управување.

Гледајќи пошироко од самата муниција, Западен Балкан треба да може да користи заеднички европски механизми, програми и финансиски инструменти за зајакнување на одбранбената индустрија. Таа листа ги вклучува Европскиот фонд за одбрана, долгорочните заеми во рамките на инструментот „Безбедносна акција за Европа“, како и Европската програма за одбранбена индустрија (ЕДИП). Регулативата ЕДИП, која сè уште не е конечно усвоена, предвидува грантови  во вредност од околу 1,5 милијарди евра (1,7 милијарди долари) за периодот од 2025 до 2027 година. Врските со Европската агенција за одбрана (ЕДА), која се занимава со истражување, развој на капацитети и индустриска соработка, исто така би можеле дополнително да се зајакнат.

Во 2014 година Србија стана првата земја надвор од Европската Унија што воспостави формални работни односи со таа агенција. Албанија и Македонија потпишаа договори за безбедносно и одбранбено партнерство со ЕУ, кои експлицитно предвидуваат соработка со Европската агенција за одбрана (ЕДА). Идеално, сите шест земји од Западен Балкан треба да станат членки на ЕДА, можеби без право на глас додека не влезат во Европската Унија. Меѓу земјите-членки на ЕУ – вклучувајќи ги Франција, Италија и други – постои растечки интерес за продлабочување на безбедносната соработка со земјите од Западен Балкан, особено во областа на инфраструктурата со двојна намена и одбранбената индустрија.

Секако, постојат и пречки.

Една од нив е поделбата на регионот помеѓу членки на НАТО, потенцијални членки како Косово и Босна и Херцеговина и неутралната Србија. Додека Србија води мултилатерална надворешна и безбедносна политика и продолжува да увезува воена опрема од Русија и Кина, соработката ќе се соочи со тешкотии. Транзицијата кон западните платформи – како што се француските ловци „рафал„ – ќе потрае. Недостигот од доверба меѓу Србија и нејзините соседи ќе ја попречи соработката во областа на одбранбената индустрија, како и заедничката борба против хибридните закани. За ова последното се потребни многу посилни врски меѓу разузнавачките служби, полицијата и другите државни институции преку границите.

Уште посериозна пречка е ситуацијата во безбедносниот сектор низ целиот регион. Во неколку земји примарната улога на војската, разузнавачките служби, полицијата и агенциите за спроведување на законот е да ја зачуваат моќта на владејачките структури и да ги заштитат клиентелистичките мрежи, наместо да служат на јавниот интерес. Транснационалниот организиран криминал одамна разви симбиотски односи со „чуварите на државата“ – без разлика дали станува збор за членки на НАТО и кандидати за ЕУ, како што се Албанија и Црна Гора, или во скептичната кон НАТО Србија. И покрај одредени позитивни случувања, овие хронични проблеми продолжуваат да го попречуваат ефикасното интегрирање во механизмите на ЕУ и НАТО.

Последното прашање што вреди да се спомене е економијата. Тешко е да се привлечат стратегиски меѓународни инвестиции во малите економии освен ако не дејствуваат заедно. Западен Балкан сè уште не успеа да создаде приказна за успех во која голем европски, турски или американски производител би отворил фабрика во регионот. Тој недостаток би можел делумно да се компензира со домашната побарувачка, поврзана со модернизација на армијата.

Сепак, трошоците за одбрана сè уште се движат под 2 проценти од БДП, што е далеку под целниот праг од 3,5 проценти усвоен на самитот на НАТО во Хаг минатиот јуни. географската локација на Западен Балкан, далеку од руските граници, како и отсуството на историско сеќавање на директна контрола од страна на Москва, влијаат на перцепцијата за безбедносното и одбранбеното планирање. Како резултат на тоа, деловниот случај за инвестирање во регионот може да изгледа прилично слаб.

Западен Балкан е на пат да стане нето придонесувач кон европската безбедност, но треба многу да се направи за да се постигне таа цел. Владите на земјите од Западен Балкан треба да ги здружат силите во развојот на заеднички проекти, привлекување странски инвестиции во секторот на одбранбената индустрија и користење на зголемените средства за безбедност во рамките на Европската унија. Трите членки на НАТО – Албанија, Македонија и Црна Гора – треба да ја преземат водечката улога во тој процес. Тие треба да инвестираат во партнерства со членките на ЕУ со цел да ги модернизираат своите армии и безбедносни сектори и постепено да се интегрираат во новите одбранбени иницијативи на Унијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ