Канцеларот својата неодамнешна критика за конфликтот на Блискиот Исток ја прикажа како реакција на последиците од војната, а не на лидерството на Трамп. „Во Германија и Европа значително страдаме од последиците… од затворањето на Ормускиот теснец“, кажа тој, посочувајќи на растечките трошоци за енергија и економскиот притисок.
Помирувачкиот тон доаѓа откако Трамп директно го нападна Мерц доцна синоќа. „Германскиот канцелар Фридрих Мерц смета дека е во ред Иран да има нуклеарно оружје“, напиша американскиот претседател на социјалната мрежа Ѕтут соушал. „Тој не знае за што зборува!“
Трамп предупреди дека Иран со нуклеарно оружје ќе го држи „целиот свет во заложништво“, по што се осврна на германската економија: „Не е ни чудо што на Германија ѝ оди толку лошо, економски и на секој друг начин!“
Обидот на Мерц да ги стабилизира односите доаѓа откако претходно го зацврсти својот став кон Вашингтон. Кога САД и Израел ја почнаа војната на 28 февруари, канцеларот генерално ги поддржуваше американските цели, но како што конфликтот се влечеше, неговиот тон се промени.
Во понеделникот, за време на посета на училиште во западна Германија, тој кажа дека Иран ги „понижува“ САД и дека Америка влегла во војната без одржлива стратегија за излез, споредувајќи ја ситуацијата со претходните проблеми во Авганистан и Ирак. Мерц се пожали и дека конфликтот ѝ штети на германската економија, велејќи дека „ги чини многу пари“.
Берлин возврати и на оперативно ниво. Германија ги отфрли повиците на САД за трансатлантско воено вклучување, инсистирајќи дека конфликтот „не е војна на НАТО“ и понуди само ограничена улога – вклучително и испраќање миночистачи за обезбедување на Ормускиот теснец – по завршувањето на борбите.






