Според предлогот во кој имала увид германската новинска агенција ДПА, германската армија Бундесверот би обезбедила чистачи на мини, брод за придружба и извидувачки авиони. Мисијата би се фокусирала на отстранување на мини, поморско извидување и надзор на пошироката морска област, и би започнала по прекинот на непријателствата и под одредени услови.
Бундесверот има осум чистачи на мини и две подморници за контрамерки против мини, но сè уште не е познато колку од нив би можеле да бидат доделени на мисијата. Чистачите на мини, долги повеќе од 50 метри, обично имаат екипаж од 42 војници, кој може да се засили со нуркачи специјализирани за мини доколку е потребно.
Денес канцеларот Мерц ќе отпатува во Париз на меѓународен состанок чии домаќини се францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер. Се очекува и пристигнувањето на италијанската премиерка Џорџа Мелони, додека други потенцијални партнери во мисијата за обезбедување на Ормускиот теснец ќе бидат вклучени преку видео врска.
По средбата со ирскиот премиер Михаел Мартин во Берлин, Мерц нагласи дека евентуалната мисија ќе зависи од строги услови. Тој објасни дека учеството на Германија може да се случи само по „барем привремено прекин на огнот“ и со одобрение од владата во Берлин и парламентот. „Сè уште сме далеку од тоа“, кажа Мерц.
Според весникот Зидојче цајтунг, германската морнарица би можела да ја користи и својата логистичка база во Џибути, која се смета за стратегиски важна локација за операции во регионот, за поморски извидувачки мисии.
Покрај директното учество, се разгледува и можноста Германија да преземе дел од обврските на партнерите на НАТО во Северниот Атлантик со цел да ги ослободи своите сили за мисијата во Ормускиот теснец.
Сообраќајот на тој воден пат, низ кој минуваше една петтина од светските залихи на сурова нафта и течен природен гас пред војната, е речиси целосно запрен од почетокот на војната во Иран, која на 28 февруари ја почнаа Соединетите Американски Држави и Израел.
Таа предизвика нагло зголемување на цените на енергијата низ целиот свет, а шефот на Меѓународната агенција за енергија вчера предупреди дека на Европа ќе ѝ останат „можеби уште шест недели керозин“ ако блокадата продолжи.






