петок, 17 април 2026

ЕУ подготви апликација за проверка на возраста

Апликацијата на Европската Унија за проверка на возраста на онлајн платформите е подготвена и наскоро ќе биде достапна за употреба, објави во средата претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, додека земјите-членки продолжуваат да ги спроведуваат плановите за ограничување на пристапот на децата до социјалните мрежи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

По забраната на Австралија за социјални медиуми за деца, воведена минатата година, сè поголем број европски земји размислуваат за свои ограничувања поради растечката загриженост за влијанието на социјалните медиуми врз здравјето и безбедноста на малолетниците.

„Се движиме напред со полна брзина и решително во спроведувањето на нашите европски правила. Ги повикуваме на одговорност оние онлајн платформи кои не ги заштитуваат доволно нашите деца“, кажа Фон дер Лаен на прес-конференција во Брисел.

Апликацијата, која ќе биде компатибилна и со мобилни уреди и со компјутери, ќе бара од корисниците да прикачат пасош или лична карта за анонимно да ја потврдат својата возраст, кажа таа.

„Оваа апликација им дава на родителите, наставниците и старателите моќна алатка за заштита на децата, бидејќи ќе имаме нулта толеранција кон компаниите кои не ги почитуваат правата на нашите деца“, додаде шефицата на Европската комисија.

Најмалку десетина европски земји, вклучувајќи ги и земјите кои не се членки на ЕУ, како што се Британија и Норвешка, усвоија или размислуваат за закони со кои се воведува минимална возраст – обично помеѓу 13 и 16 години – за користење на социјалните мрежи.

Зборувајќи на истата прес-конференција, шефицата за дигитална политика на ЕУ Хена Виркунен кажа дека Унијата планира да воспостави европски координативен механизам за да се обезбеди дека верификацијата на возраста се спроведува во различни национални системи.

Комисијата развива хармонизиран систем за дигитална верификација од минатата година.

Контролата на пристапот на децата до ограничена онлајн содржина е технички предизвик за владите. Австралија забележала пораст на преземања од виртуелни приватни мрежи (ВПН) откако беше воведена забраната за социјалните мрежи, бидејќи корисниците се обидуваат да ја заобиколат мерката и да пристапат до ограничени платформи.

Висок функционер на Комисијата призна дека системот за верификација на возраста на ЕУ може да се заобиколи со користење на ВПН, но кажа дека иницијативата не е насочена кон контролирање на луѓето кои се онлајн.

„Оваа апликација е еден вид бариера која ги спречува децата ненамерно да бидат изложени на содржини“, кажа функционерот.

Иако сè уште не е усвоено обврзувачко законодавство на ниво на ЕУ, Европскиот парламент во ноември одобри резолуција со која се бара воведување на минимална возраст од 16 години за пристап до социјалните мрежи во сите земји членки.

Конечната одлука за евентуалното законодавство на ЕУ ќе се донесе откако специјалното тело за онлајн безбедност на децата ќе ги презентира своите препораки ова лето, изјави висок функционер на Комисијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ